Арагчи се врати во Исламабад по посетата на Оман, утре оди во Москва на средба со Путин

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, по кратката посета на Оман, денеска се врати во Исламабад, како дел од тековните напори за оживување на разговорите за ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток, објави иранската државна новинска агенција ИРНА.
Арагчи, кој вчера отпатува од Исламабад за Оман, ќе им ги пренесе на своите пакистански колеги, чија земја е главен посредник меѓу Техеран и Вашингтон, „ставовите на Иран за рамката на евентуален договор“.
Заминувањето на иранскиот министер за надворешни работи синоќа предизвика конфузија околу очекуваната втора рунда разговори, но тој се врати во пакистанската престолнина пред да замине во посета на Москва.
Белата куќа во петокот објави дека американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ќе преговараат со иранската страна во Пакистан, но претседателот Доналд Трамп кратко по пристигнувањето на Арагчи во Исламабад, изјави дека ја откажал мисијата поради, како што тврди, недостаток на напредок со Иран.
Минатата недела, Трамп на неодредено време го продолжи прекинот на огнот за кој САД и Иран се согласија на 7 април.
Арагчи денеска разговарал телефонски со своите колеги од Катар и Саудиска Арабија.
Иранското Министерство за надворешни работи пред неговото патување во Исламабад соопшти дека сите разговори ќе бидат индиректни и дека пакистанските претставници ќе дејствуваат како посредници, што ја одразува претпазливоста на Техеран по рундите индиректни разговори минатата година и претходно оваа година, кои завршија со напади на САД и Израел врз Иран.
Иранската војска вчера предупреди дека „доколку САД продолжат со своите агресивни воени дејствија, вклучувајќи поморски блокади, бандитизам и пиратство, ќе се соочат со силен одговор“.
Трамп вчера по откажувањето на патувањето на Виткоф и Кушнер во Исламабад, изјави дека Иран испратил „многу подобар“ предлог, но не даде дополнителни детали.
Предвидено е Абас Арагчи утре да отпатува за Москва каде што ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин со кого ќе разговара за тековните преговори за конфликтот на Блискиот Исток.
— Арагчи ќе разговара со руските власти за најновата состојба во врска со преговорите, прекинот на огнот и поврзаните случувања, соопшти иранското МНР






