Пратениците на ЕУ го поддржаа задолжителното микрочипирање и правилата за благосостојба на домашните миленици

Европскиот парламент ги одобри првите правила на ниво на Европската Унија за подобра заштита на мачките и кучињата. Според новите правила, во иднина, мачките и кучињата во ЕУ мора да бидат идентификувани преку микрочипови и регистрирани во интероперабилни национални бази на податоци за справување со незаконска трговија со животни.

Обврската ќе важи за продавачите, одгледувачите и засолништата за миленичиња, четири години по стапувањето во сила на Законот. Приватните сопственици ќе имаат 10 години да ги чипираат своите кучиња и 15 години за мачките. Дополнително, новите правила воведуваат забрани за комерцијални практики што водат до злоупотреба на животните и здравствени ризици.

„Размножувањето меѓу родител и потомок, баба / дедо и внуци, како и меѓу браќа и сестри или полубраќа и полусестри, ќе биде забрането. Размножувањето кучиња или мачки за да им се дадат претерани или прекумерни особини што водат до значителни здравствени ризици, исто така, ќе биде забрането. Новите мерки вклучуваат и забрана за осакатување на кучиња и мачки за претстави, изложби или натпревари“, соопшти ЕУ-парламентот.

Трговците и одгледувачите ќе бидат обврзани да ги чуваат своите животни во добра состојба.

Земјите од ЕУ сè уште треба да ги усвојат правилата, што се смета за формалност. Според наводите, граѓаните во Европската Унија поседуваат повеќе од 72 милиони кучиња и 83 милиони мачки. Се проценува дека трговијата со овие два вида генерира годишен приход од околу 1,3 милијарди евра.

Back to top button
Close