Двајца британски Евреи се избодени во Лондон, полицијата го оквалификува нападот како терористички чин

Двајца британски државјани со еврејско потекло денеска се нападнати и избодени со нож во предградието Голдерс Грин во северниот дел на Лондон, пренесуваат британските медиуми, според кои, Метрополитен полицијата и формлано го квалфикувала инцидентот како терористички напад.

Форензички екипи на лондонската полиција вршат увид на местото на инцидентот / Фото: EPA/TOLGA AKMEN

Нападнатите, како што објави Би-би-си се на возраст во околу 70 и 30 години. Тие се пренесени во болница и, според информациите се наоѓаат во стабилна состојба.

За нападот е осомничен 45 годишен маж, кој, исто така, се обидел да избоде и дел од полицајците кои интервинирале на местото, но е совладан со електрошок. Тој е уапсен и осомничен за обид за убиство.

Комесарот за антитероризам на Метрополитен полицијата во Лондон, Марк Роули изјави дека двајцата избодени мажи се на возраст од 74 и 34 години, наведувајќи дека припадниците на новооружената полиција кои интервенирале на местото првично мислеле дека осомничениот напаѓач носи експлозивна направа.

Полицијата соопшти дека нападот врз двајцата мажи и формално се третира како терористички инцидент и дека истрагата во моменот е насочена кон прибирање докази дали нападот бил намерно насочен кон еврејската заедица, која е бројна во овој дел на Лондон.

„Нападот сега формално е прогласен за терористички инцидент. Нашите високо специјализирани полициски тимови работат со Метрополитенската полиција за брзо да се продолжи со оваа истрага и да се утврди што точно се случило. Исто така работиме со нашите партнери од безбедносните служби за да обезбедиме целосна разузнавчка слика, а една од насоките на истрагата е дали овој напад намерно бил насочен кон еврејската заедница во Лондон“, изјави шефот на антитерористичката полиција, Лоренс Тејлор,во изјава за медиумите пред Скотланд Јард.

Неговиот колега од Метрополитенската полиција, Марк Роули, соопшти дека 45-годишниот осомничен за нападот, чиј идентитет засега не се открива, имал историја на сериозно насилство и проблеми со менталното здравје.

Роули ја пофали интервенцијата на неговите полицајци кои успеале да го совладаат осомничениот, за кого мислеле дека можеби носи експлозив, пренесе „Гардијан“.

„Моите први мисли беа со двајцата британски Евреи, кои беа нападнати додека си ги вршеа секојдневните обврски, што треба да можат слободно и безбедно да го прават во својата локална заедница. Исто така, сакам да им оддадам почит на моите полицајци, кои беа на местото на настанот во рок од неколку минути, и чии постапки несомнено спречија понатамошни повреди и спасија животи“,рече тој.

Роули наведе и дека пред да пристигне на прес-конференцијата, се сретнал со нападнатите мажи, кои, како што кажа, се во добра состојба.

„Тие се соочија со човек за кого веруваат дека е терорист, кој одби да ги покаже рацете, кој беше насилен и продолжи да претставува јасна закана. Ова не беа вооружени полицајци и се плашеа дека носи експлозивна направа. Користејќи ја само својата обука, храброст и електрошокови, тие успеаја да го приведат, додека тој продолжуваше да се обидува да ги нападне и избоде. Ќе ви кажат дека едноставно си ја вршеле работата, но без нивната храброст, се плашам да помислам каков би бил исходот. Исто така, сакам да им оддадам признание на извонредната првична реакција на припадниците на локалната заедница“, изјави Роули.

Комесарот на Метрополитен полицијата на Лондон, Сер Марк Питер Роули дава изјава за медиумите по нападот / Фото: EPA/TOLGA AKMEN

Главниот рабин во Голдерс Грин, Ефраим Мирвис, во својата првична реакција по нападот, изјави дека зборовите на осуда повеќе не се доволни, наведувајќи дека антисемитизмот е омраза со која мора да се соочи целото британско општество заедно, а денешниот инцидент претставува момент за преземање решителна акција.

„Ова мора да биде момент што бара акција од секоја институција, секоја заедница, секој лидер и секој пристоен човек во нашата земја. Ова е омраза со која мора да се соочиме заедно“, цитира „Гардијан“ дел од неговата изјава.

Министерката за правда, Сара Сакман, попландево соопшти дека премиер Кир Стармер свикал состанок Комитетот за одговор при вонредни ситуации на Велика Британија, чии членови се највисоките министри, државни службеници, претсставници на полцијата и разузнавачаките служби. Ова тело се свикува со цел брзо координирање на властите во случај национални кризи, како што се терористички напади, природни катасторфи или сериозни економски нарушувања.

Back to top button
Close