Изложба и доделување на наградата ДЕНЕС 2026 во Сули ан

Во рамки на фестивалот АКТО, денеска, 2 октомври, во Сули-ан (галерија Драгутин Аврамовски – Гуте на Факултетот за ликовни уметности во Скопје), се доделува XX Награда ДЕНЕС 2026, најзначајната и најстара независна награда во земјава за млад/а визуелен/а уметник/чка до 35 години.

Изложбата на финалистите: Јован Јосифовски, Сергеј Каленикoв и Ана Трајковска и свеченото доделување започнуваат во 20 часот, по што следи DJ сет на Мартина Пенева. 

Наградата ДЕНЕС, во нов колаборативен формат, годинава носи двомесечен престој во Residency Unlimited (Њујорк) за добитникот/чката, и по едномесечен престој во Галерија „Простор” (Хартефакт, Сплит) и самостојни изложби во Скопје и Сплит (2027) за другите двајца финалисти.

Жирито го сочинуваат Натали Онгле (Residency Unlimited, Њујорк), Јелена Мијиќ (мултимедијална уметничка, Белград, добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос”) и Илија Прокопиев (визуелен уметник, добитник на ДЕНЕС 2011, уметнички директор на галеријата Шкуц, Љубљана). Во првиот круг на жирирање членка беше и Хиба Абид, кураторка во Њујоршката јавна библиотека и членка на комитетот за уметност и култура на градоначалникот на Њујорк.

Наградата ДЕНЕС е основана во 2002 од Центарот за современи уметности – Скопје, а од 2015 година ја организира Фaкултет за работи што не се учат во рамки на АКТО, во соработка со мрежата YVAA, Residency Unlimited и Trust for Mutual Understanding (Њујорк).

 

 

БИОГРАФИИ НА ФИНАЛИСТИТЕ

 

Јован Јосифовски (1993)

Јован Јосифовски е квир уметник чија практика се протега низ инсталација, текст, видео, перформанс и други медиуми. Неговата работа се фокусира на квир животот во Македонија, поставен во специфичен постјугословенски контекст, со посебен акцент на локалната сцена како примарен простор на истражување, делување и видливост, но и со континуирано регионално присуство преку соработки и учества на изложби и уметнички програми во поширокиот балкански контекст.

Преку формално разновиден, но концептуално кохерентен пристап, тој критички ги преиспитува и деконструира структурите на моќ во локалниот контекст – особено политичките, институционалните и религиозните структури – анализирајќи ги нивните ефекти врз телото, идентитетот и секојдневното искуство на квир животот.

Неговата практика често се движи помеѓу интимното и колективното, користејќи лични наративи, архивски материјали и симболички гестови како средства за отворање простор за ранливост, отпор, критика и афирмација. Во неговите дела, телото се појавува како место на политичка и емоционална тензија, но и како можност за преосмислување на припадноста, желбата и заедништвото.

Преку суптилни и директни интервенции, неговата работа ги проблематизира нормализацијата на насилството, маргинализацијата и општествената контрола, истовремено создавајќи простор за алтернативни форми на видливост и постоење.

Јосифовски е активно присутен во локалниот уметнички контекст, каде неговата практика се развива преку континуирано учество во изложби, колаборативни проекти и независни уметнички иницијативи. Дополнително, има учествувано на изложби и програми и на регионално ниво, каде неговата работа е препознаена во поширокиот контекст на современата квир и критичка уметничка сцена.

 

Сергеј Калеников (2000)

Сергеј Калеников е сликар и посветен визуелен уметник со интерес за различни медиуми. Тој завршил студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, со фокус на сликарството и современата уметност.

Поседува сеопфатно разбирање на уметничките техники, теоријата и историјата на уметноста стекнати со уметничко истражување и формално образование. Планира да ги прошири своите знаења и експертиза во уметноста со магистерски студии, со потенцијален фокус на теоријата на уметност или сликарството.

Важен професионален чекор во неговата досегашна практика била реализацијата на самостојна изложба во рамките на програмата CreArt во 2024 година во Скопје.

Покрај тоа, учествувал на повеќе групни изложби, како „Четирите мајстори на модернизмот“, групна изложба на студенти од катедрата за сликарство, Културно-информативен центар Скопје, 2024 година; „Студентска уметничка пролет“, Стара скопска чаршија, Сули Ан, 2024 година; фестивалот „Полесно е да се дише под земја“, 2023 година, и други.

 

Ана Трајковска (1995)

Ана Трајковска (1995) живее и работи во Скопје, Република Северна Македонија. Своето уметничко образование го стекнува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што во 2018 година ги завршува додипломските студии, а во 2021 година го брани магистерскиот труд во областа на графиката.

Трајковска работи во полето на современата уметност со фокус на графика, инсталација и концептуални медиуми. Нејзината практика се движи помеѓу личното и политичкото, истражувајќи теми на системска кревкост, родова идентификација и критика на доцниот капитализам.

Од 2025 година е вработена како асистент на Факултетот за уметност и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, каде активно учествува во педагошката и кураторската дејност.

Трајковска е добитничка на наградата „Уметник на годината“ на галеријата Остен (2025), наградата за најдобра графика на Агенцијата за млади и спорт (2022), како и наградата на ДЛУМ за изложбата „Нови енергии“ во Арт Хаб, Скопје (2022).

Нејзиното меѓународно присуство е значително: во 2023 година реализира уметничка резиденција во Cité des Arts во Париз (одобрена од Министерството за култура), учествува на Феминистичката уметничка колонија во Сичево, Ниш, во меѓународната резиденција „Rise of Women“ во Задар (2022), со последователна изложба во Брисел (2023), а исто така престојувала во Виена преку Cultart академијата (2023).

Во 2024 година учествува на Меѓународниот пленер во Чаплинек, Полска, и на уметнички симпозиуми во Истанбул и Болу, Турција.

Нејзиниот соло изложбен опус опфаќа повеќе наврати: „Systemic Fragility“ во НГМ – Мала Станица (2025), „Experimental Graphics“ во Францускиот институт во Скопје (2024), „Flux – Revelations“ во КИЦ Скопје (2023), „It Is What It Is“ во Струга (2023), „Black and White“ во Куманово (2021), меѓу другите.

 

Back to top button
Close