Путин го предупреди Трамп: Ескалацијата со Иран носи сериозни ризици

Рускиот претседател Владимир Путин го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека продолжувањето на воените операции против Иран би било „опасно и неприфатливо“, истакнувајќи дека таков потег може да има сериозни последици за глобалната безбедност.

Според информациите од Кремљ, за време на телефонски разговор меѓу двајцата лидери било нагласено дека евентуална ескалација, особено копнена операција на иранска територија, претставува висок ризик не само за регионот, туку и за меѓународната стабилност. Советникот за надворешна политика Јуриј Ушаков пренел дека Москва предупредува на тешки последици доколку борбите продолжат и покрај постојното примирје.

Тензиите дополнително се зголемија откако Трамп го одби најновиот предлог од Техеран за повторно отворање на Ормускиот теснец, со што поморската блокада останува во сила, а кризата влегува во нова фаза на застој.

Во разговорот било отворено и прашањето за дипломатските напори. Путин оценил дека продолжувањето на примирјето е исправен чекор кој создава простор за дијалог и стабилизација, додека Трамп изнел сопствена оценка за досегашниот тек на воените активности.

Американскиот претседател пред новинарите изјави дека разговорот со Путин бил „многу добар“, додавајќи дека рускиот лидер понудил и соработка во врска со прашањето за збогатување на ураниумот. Сепак, Трамп нагласи дека би претпочитал Москва да се ангажира повеќе околу завршувањето на војната во Украина.

.

Back to top button
Close