Вонредните парламентарни избори на Косово закажани за 7 јуни

Вршителката на должност претседателка на Косово, Албулена Хаџиу, го одреди 7 јуни како датум за одржување на вонредните парламентарни избори, пренесува Косово онлајн.

– По неуспехот на парламентот да избере претседател, овој состав се смета за распуштен и изборите мора да се одржат во рок од 45 дена. Вчера разговарав со претседателот на ЦИК, Крешник Радоњиќи, за изборите. Денеска ги завршив состаноците со претставниците на политичките партии. Ги сослушав нивните предлози за датумот на изборите. По процената на уставните рокови, организациските потреби на ЦИК и важноста на учеството, одлучив предвремените избори да се одржат на 7 јуни – рече Албулена Хаџиу на прес-конференција.

Таа изјави дека тоа не е она што го посакувале граѓаните, кои, како што е уверена, очекуваат единство и стабилни институции.

– Пред нас е многу работа, немаме време за губење. Во демократија каде што институционалниот пат е блокиран, зборот им се враќа на граѓаните. Одговорноста е на сите. Косово докажа дека знае како да организира слободни, демократски и веродостојни изборни процеси – рече Хаџиу.

Во врска со членот кој недостига во ЦИК, Хаџиу одговори дека ќе дејствува „кога ќе смета дека треба да дејствува“, но дека тоа нема да влијае на регуларноста на изборниот процес.

– Составот на ЦИК го чинат 11 членови, вклучувајќи го и претседателот кој доаѓа од редовите на Врховниот суд. Моментално има 10 членови, бидејќи еден сè уште не е именуван. Слушнав дека велат оти изборниот процес ќе биде оспорен поради тој еден член. Имам две барања – од ДПК и од Самоопределување. Моето мислење за ова прашање е познато од претходно: политичката моќ, пропорционалноста и застапеноста се принципи кои никој не би требало да ги негира. Сите рокови се веќе поминати, она што го почна претседателката Вјоса Османи требаше таа и да го заврши, но тоа не се случи. Сега сите рокови се поминати. Ова прашање се решава и ќе се постапува по него во согласност со одговорностите. Но, бидете уверени дека со 10 членови на ЦИК ништо не е загрозено, ниту сертификацијата на партиите, ниту сертификацијата на резултатите од изборите, ниту што било друго. Затоа, ќе дејствуваме кога ќе сметаме дека треба да дејствуваме – рече Хаџиу.

Back to top button
Close