Осомничениот за двојниот напад со нож во Лондон обвинет за обид за убиство

Полицијата во Лондон обвини 45-годишен маж за обид за убиство, откако во средата со нож нападнал двајца Евреи во северниот дел на градот.

Еса Сулејман е обвинет за две кривични дела „обид за убиство“ и за едно дело „поседување остар предмет на јавно место“, во врска со инцидентот во Голдерс Грин, соопшти Метрополитен-полицијата. Сулејман, кој живее во јужен Лондон, е обвинет и за обид за убиство поврзан со одделен инцидент на улицата Грејт Довер во Саутварк, што се случил претходно истиот ден. Тој денеска ќе биде изведен пред Магистратскиот суд во Вестминстер.

Сулејман е роден во Сомалија и како дете легално пристигнал во Обединетото Кралство во деведесеттите години на минатиот век. Во 2020 година бил пријавен во владината програма за спречување екстремизам „Превент“, но случајот бил затворен истата година.

Полицијата употребила електрошокер пред да го уапси осомничениот по двојното прободување. Двајцата повредени – Шлојме Ранд (34) и Моше Бен Бајла (76), во јавноста познат како Моше Шајн – биле пренесени во болница. Ранд за Би-би-си изјави дека е „чудо“ што преживеал, додавајќи: „Имам чувство дека Бог ми го врати животот“. Тој е пуштен на домашно лекување по извршените хируршки зафати, потврди рабинот Леви Шапиро од Советот на еврејската заедница, кој ги посетил жртвите. Шајн останува во болница и е во стабилна состојба.

Метрополитен-полицијата соопшти дека ќе ги спречи евентуалните немири за време на пропалестинските маршеви низ земјата, откако Заедничкиот центар за анализа на тероризмот го подигна нивото на закана во Велика Британија на „сериозно“, што значи дека нов напад е „многу веројатен“. Одлуката не е донесена само поради нападот во Голдерс Грин, соопшти Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека заканата расте веќе извесно време.

Коалицијата „Стоп за војната“ планира голем протест во Лондон на 16 мај, по повод Денот на Накба, со кој се одбележува раселувањето на Палестинците во 1948 година при создавањето на државата Израел. Комесарот на Метрополитен-полицијата, Марк Роули, го критикуваше лидерот на Зелената партија, Зак Полански, поради споделување објава на мрежата Икс, во која се тврди дека полицајци „повеќепати и насилно клоцале психички болен човек во главата“ додека бил онеспособен со електрошокер. Роули изјави дека е разочаран, нагласувајќи дека објавата е неточна и заснована на погрешни информации.

Back to top button
Close