Мицкоски: Проверуваме дали е точно дека компании што го користат попустот на ОКТА прават реекспорт на горивата во соседството

Имаме информации дека некои од компаниите што го користат попустот на ОКТА за нафтените деривати, прават реекспорт на горивата во соседните држави – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Рече дека е изненаден од ваквиот потег на дел од компаниите и дека се проверува точноста на ваквите информации.

 

„Она што мене ме изненади, а го проверуваме дали е точно, е фактот дека некои од компаниите што го користат овој попуст прават реекспорт на горивата во соседните држави. Јас апелирам ако е тоа точно, дека нема потреба тоа да го прават бидејќи ние не ги затворивме границите за граѓаните од соседството. Тие и сега слободно точат гориво на бензинските пумпи во Македонија, така што нема потреба од ваков тип на шпекулативно однесување“изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Охрид.

Премиерот потврди дека по најновите преговори, договорено е попустот за сите компании што добиваат горива од ОКТА, да биде продолжен до 18 мај годинава.

„Попустот е договорено да трае до 18 мај, а потоа ќе видиме, се надеваме дека ќе заврши кризата и дека ќе можеме да влеземе во една нормална состојба, но да почекаме“,изјави Мицкоски.

На новинарско прашање дали Владата размислува за намалување на ДДВ за нафтените деривати, премиерот рече:

„Во овој момент остануваме на мерката намалено ДДВ за бензините на 10 проценти, остануваме на мерката намалени акцизи. Просекот на ‘Плац’ за бензините ќе значи намалени акцизи за два денари за литар, а за дизелот четири денари за литар, она што е просек од втората половина на април. Така ќе биде следниве две недели. Што се однесува до ДДВ кај дизел-горивото, тоа ќе остане на 18 проценти. Со тоа нашето дизел гориво останува 30 до 50 проценти поевтино од дизелот во соседството денес, а од понеделник очекувам да е уште поевтино.“

Back to top button
Close