Новите американски царини за автомобили од ЕУ главно ќе ги погодат германските производители

Новата царина од 25 проценти за автомобили произведени во Европската Унија за увоз во САД би можела да резултира со дополнителни годишни трошоци за германскиот автомобилски сектор од 2,5 милијарди евра (2,9 милијарди долари), покажува истражување објавено денеска.
Како што пренесе ДПА, исто така, ќе има зголемени трошоци за извозот во САД од страна на германските производители на автомобили од производството во други земји на ЕУ, открива истражувањето на Центарот за автомобилски истражувања (ЦАР).
Шефот на ЦАР, Фердинанд Дуденхофер, рече дека новата царина, што вчера јја најави претседателот на САД Доналд Трамп, е јасно насочена кон Германија, иако ја погодува ЕУ како целина.
– Бидејќи извозот на странските производители на автомобили во САД е помал, новите закани со царини од страна на Трамп можат да се интерпретираат како почеток на економска војна насочена кон Германија – рече тој.
Дуденхофер истакна дека е малку веројатно производителите целосно да го преземат трошокот на царините на себе.
– Ќе се направи обид дел од царините да им се префрли на клиентите во САД преку зголемување на цените – додаде тој.
Тој забележа дека германските производители на автомобили имаат корист од силната лојалност кон брендот, што значи дека е малку веројатно купувачите автоматски да се префрлат на други брендови како одговор на повисоките цени.
Дуденхофер рече дека зголемените царини ќе имаат различно влијание врз производителите. Тој истакна дека Mercedes и BMW управуваат со големи производствени погони во САД и затоа се делумно заштитени од царините. Теренските возила (SUV) склопени во овие фабрики сочинуваат значителен дел од нивната продажба во САД, рече тој.
Од друга страна, Porsche и Audi се поизложени, што би можело да ги забрза плановите за формирање погони за склопување во САД, смета Дуденхофер.
Генерално, царините веројатно ќе го зголемат притисокот врз производителите да го префрлат производството надвор од Германија, предвиде тој.
Извор: nezavisen.mk






