Франција стопира пратка малини од Србија поради двојно повеќе кадмиум од дозволеното

Во пратка замрзнати малини од Србија, наменета за францускиот пазар, е откриено значително зголемено присуство на кадмиум – тежок метал кој претставува сериозен ризик по здравјето на луѓето. Според податоците на Европската комисија преку системот за брзо предупредување за храна (RASFF), измереното ниво е речиси двојно повисоко од дозволеното.

Француските служби веднаш ја задржале пратката по лабораториските анализи, со што е спречено таа да стигне до потрошувачите. Случајот е официјално евидентиран на 30 април и е класифициран како „сериозен ризик“.

Анализите покажале дека во малините има 0,071 милиграми кадмиум по килограм, додека максимално дозволеното ниво во Европската унија е 0,04 милиграми. Ова значително надминување ја активирало европската алармна мрежа за безбедност на храната.

Кадмиумот е еден од најопасните тешки метали во синџирот на исхрана. Тој се акумулира во организмот, особено во бубрезите и црниот дроб, и може да остане во телото со децении. Долготрајната изложеност се поврзува со оштетување на бубрежната функција и зголемен ризик од канцерогени заболувања.

Овој случај повторно го отвора прашањето за безбедноста на храната во меѓународната трговија и потребата од строги контроли, дури и кај производи што важат за здрави и природни.

Европските институции најавуваат засилени инспекции на пратки од регионот, додека инцидентот со српските малини е впишан како пример за сериозно прекршување на стандардите за безбедност на храната.

Извор: skopje1.mk

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close