Израел купува ловци од Американците

Израел ќе набави уште две ескадрили ловци F-35I и F-15IA од САД, по искуствата од неодамнешната војна во Иран, соопшти израелското Министерство за одбрана.

Во текот на викендот, израелскиот Министерски комитет за набавки го одобри планот на Министерството за одбрана за набавка на четврта ескадрила F-35I од компанијата Локид Мартин и втора ескадрила F-15IA од компанијата Боинг, во зделки вредни повеќе милијарди долари, пренесува Тајмс оф Израел.

Министерството наведе дека авионите „ќе служат како камен-темелник на долгорочниот развој“ на израелската војска и ќе придонесат за „решавање на проблемите на регионалните закани што се развиваат, како и зачувување на стратешката воздушна надмоќ на Израел“.

Во моментов, Израел има 48 авиони F-35I, по првичната нарачка од 50.

Уште 25 F-35 се нарачани во 2023 година и се очекува да бидат испорачани почнувајќи од 2028 година. Израел исто така нарачал 25 авиони F-15IA во 2024 година и се очекува првите да бидат испорачани почнувајќи од 2031 година.

Министерот за одбрана Израел Кац изјави дека неодамнешната војна во Иран „уште еднаш ја покажа моќта на израелското воздухопловство и неговата одлучувачка улога во заштитата на Израел“. Лекциите од таа кампања бараат од Израел да продолжи со јакнење на силите за да обезбеди воздушна надмоќ во децениите што доаѓаат, наведе Кац.

Администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп ги забрза одобрувањата за испорака на вооружување за Израел, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт, во вредност од повеќе милијарди долари, соопшти синоќа Стејт департментот, објави Скопје1.мк.

Back to top button
Close