Драстично засилено обезбедување на Путин – Кремљ стравува од атентат и удар

Кремљ драстично ја засили личната безбедност на рускиот претседател Владимир Путин, воведувајќи нови и строги мерки поради страв од можни атентати и обиди за државен удар, покажува извештај на европска разузнавачка служба, до кој дошле повеќе медиуми.

Според документот, на лицата кои се во непосредна близина на Путин – вклучително и неговиот персонал – им е ограничено движењето и комуникацијата. Забрането е користење јавен превоз, а дозволени се само телефони без интернет. Посетителите, пак, мора да поминуваат двојни безбедносни проверки.

Мерките доаѓаат по серија инциденти, меѓу кои и убиство на висок руски генерал, што предизвикало тензии и обвинувања меѓу безбедносните структури. Според анализата, тоа ја открива растечката несигурност во врвот на руската власт.

Дополнително, значително е намален бројот на локации кои Путин ги посетува, а според извештајот, тој сè почесто престојува во засилени и модернизирани бункери, далеку од јавноста. Во јавноста се пласираат однапред снимени материјали за да се одржи впечаток на редовни активности.

Ситуацијата се поврзува и со поширокиот контекст – продолжената војна во Украина, зголемените воени загуби и економските последици кои сè повеќе се чувствуваат во Русија.

Во извештајот се наведува дека постои зголемена загриженост од можни внатрешни закани, вклучително и сценарија за државен удар. Посебно внимание привлекува улогата на поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу, кој и понатаму има значително влијание во воениот врв.

Иако дел од овие информации не можат независно да се потврдат, нивното објавување се толкува како индикатор за растечка нестабилност и недоверба во рамките на руската политичка и безбедносна елита.

Кремљ засега нема официјален коментар за наводите.

Back to top button
Close