Израелска телекомуникациска инфраструктура користена за следење луѓе во повеќе од десет земји

Израелска телекомуникациска инфраструктура била користена во изминатите три години за следење луѓе во повеќе од десет земји, покажува новата истрага на канадската дигитална истражувачка група „Ситизен лаб“, пренесува Анадолија.

Како што објави израелскиот дневен весник „Хаарец“, инфраструктурата – од мрежи изградени во 1970-тите до најсовремени 5Г-системи – била трансформирана во „уреди за следење“ преку софистицирани шпионски програми. Истрагата открива дека од ноември 2022 година се направени повеќе од 15.700 обиди за лоцирање телефони во бројни земји, меѓу кои Тајланд, Јужноафриканската Република, Норвешка, Бангладеш и Малезија, преку инфраструктура на компании со седиште во Израел.

 

Интерните документи до кои дошол „Хаарец“ покажуваат дека „Веринт“, матична компанија на „Когнајт“, му продала систем за следење наречен „СкајЛок“ (SkyLock) на владин клиент во Демократска Република Конго. Овој систем се заснова на протоколот СС7 (SS7).

Наодите упатуваат на тоа дека швајцарскиот оператор „Финк“ им овозможил на израелски компании за надзор, како што е „Рејзоун“, да се претставуваат како мобилни оператори. Со поврзувањето со постарите мобилни мрежи, тие можеле да ги следат корисниците низ светот преку злоупотреба на сигналниот протокол СС7, кој првично е развиен за рутирање повици, пораки и меѓународен роаминг.

Во извештајот се нагласува дека биле искористени и системите од следната генерација „Дијаметар“, кои управуваат со 4Г и 5Г-мрежите. Една од клучните техники на сајбер-нападите е таканаречениот „СИМ-џекинг“ (SIMjacking). Со овој метод, до целниот телефон се испраќа скриена СМС-порака, невидлива за корисникот, чија команда ја принудува СИМ-картичката да ја сподели локацијата на уредот.

Утврдено е дека операциите за следење се спроведувале преку мрежите на израелските компании „019 Мобајл“ (019 Mobile) и „Партнер комјуникејшнс“ (Partner Communications). Од „019 Мобајл“ реагираа дека како виртуелен оператор нивниот идентитет можеби бил злоупотребен и негираа каква било поврзаност со овие операции. Останатите инволвирани компании засега не ги коментираа наодите од истрагата.

Back to top button
Close