Ердоган: ЕУ секогаш наоѓа причина да нè остави пред врата
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја повика Европската Унија да се воздржи од потези и реторика што би можеле да го поткопаат, како што рече, „конструктивниот став“ на Анкара.

„Да не заборавиме дека Турција повеќе не е стара Турција, ниту пак светот е сè уште ограничен на сферата на влијание на западните земји“, рече Ердоган во своето обраќање до нацијата по владината седница.
Тој, исто така, рече дека ЕУ треба да препознае дека не може да биде глобален актер или привлечен центар без Турција како полноправна членка. Тој оцени дека „стратешката кратковидост“ на Унијата кон Турција „за жал сè уште јасно постои“ во бројни европски институции.
„Прашањето не е каде стои Анкара, туку каде Брисел се гледа себеси во иднина“, тврдеше Ердоган, додавајќи дека на Европа ѝ е потребна Турција повеќе отколку на Турција Европа.
„Утре, таа потреба ќе биде уште поголема“, додаде тој.
Зборувајќи за процесот на пристапување во ЕУ, кој трае од 1959 година, Ердоган предупреди дека Унијата зазела пристрасен став кон кандидатурата на Турција.
Тој истакна дека односите се подобриле од 2015 година, делумно поради бранот миграција предизвикан од војната во Сирија, најголем во Европа од Втората светска војна.
Но, тој рече дека ЕУ не успеала да го одржи тој моментум бидејќи доцнела, била недоволно ангажирана и не сакала да ѝ ја обезбеди потребната поддршка на Турција по обидот за државен удар на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 253 лица.
Според него, последователните состаноци не донеле охрабрувачки резултати што би го прекинале сегашниот ќорсокак или би дале нов поттик на односите меѓу Турција и ЕУ.
И покрај, рече тој, „бројните двојни стандарди со кои се соочуваше Турција“, Анкара продолжи со своите напори за полноправно членство и одржува блиски контакти со институциите на ЕУ и земјите-членки






