Кога системот ќе те прогласи виновен без вина
Трифун Костовски

Почитувани читатели, живееме во ера на рапиден прогрес и развој на човештвото. Брзото животно темпо се должи најнапред на технолошките достигнувања кои што треба да овозможуваат безбеден, здрав и долг живот на секоја единка, но и на севкупната флора и фауна на Земјината топка.
Технолошкиот развој е процес кој не запира, може само да се унапредува. Убеден сум дека доаѓаат времиња на бескрајни иновации. Допрва ќе доживуваме многу научни и технолошки непознаници, нешта кои ниту на сон ме сме можеле да ги предвидиме. Освен во некој научно-фантастичен филм или книга.
Жално е, што човекот како најсовршеното битие од милионскиот жив свет на Земјината топка, во себе носи животински нагони (им се извинувам на животните, има меѓу нив многу почовечни и од човекот) за крвожедност, војување, омраза, љубомора и завист.
Живееме во ера на вештачката интелигенција. Верувам, доколку правилно се користи, секој поединец ќе може да оди чекор напред со времето, да се дообразува и усовршува на полесно достапен начин и да ги контролира своите нечовечки нагони.
Основното прашање за нас луѓето е дали сме подготвени за еден таков зрел чекор, да ги надминеме негативностите и непријателските пориви во нас. Технолошки напредок не смее да продуцира морален пад.
Базичен услов за контрола на човечките примитивни нагони е владеењето на правото насекаде.
Правото е најсилната алка во креирање на модерно, напредно и хумано општество, а живееме во секојдневие каде неправдата е правило, а правдата исклучок.
Како да стасаме до праведна држава, суштинското прашање на денешницата, кога владее силата, а правдата молчи
Интересот е непишаниот закон. Владее насекаде низ светот. Врвните светски лидери практикуваат правда само во случај кога нивниот личен или државен интерес се во прашање.
Во последните 80 години светскиот мир никогаш не бил поризичен.
Навршуваат 5 години од војната во Украина. Се разви сериозна војна на Блискиот исток меѓу Израел и САД од една страна и Иран од друга страна.
Војната во Газа која се водеше против Палестинците покажа степен на геноцид од невидени размери. Мислевме дека е закопан после Втората светска војна, дека е минато време.
Жалното е што геноцидот врз Палестинците е направен од страна на Евреите и нивната држава Израел, кои за време на Втората светска војна ја платија највисоката цена на геноцид токму врз себе.
Овој факт недвосмислено говори дека силата и интересот остануваат вечни, додека правдата ја закопуваме. Закопана правда е закопана иднина.
Почитувани читатели, нашата Македонија во многу нешта не отстапува од неизвесното секојдневие ширум светот.
Силата и моќта на државата лежат во партиите на власт. Лежат и се будат само кога е во прашање личен, а не колективен интерес. Интересот во Македонија е резервиран само за партиите на власт и нивните поддржувачи. Останатите граѓани се третираат како нивни противници и во континуитет се казнуваат.
Не сум единствен во Република Македонија кој ја доживеал голготата на изгубената правда. За разлика од многумина како мене, јас не молчам и се борам како знам и умеам. После сите непријатности и несреќи верувам дека ќе доживеам катарза.
Почитувани читатели, како е можно учесниците во стечајот на Еуростандард банка после полни 6 години да останат недопрени од правдата за нивните сторени злодела.
Екс-гувернерката Анита Бежоска е официјалниот виновник за носење на Еуростандард банка во стечај. Овој стечај беше направен со умисла, бидејќи фактите денеска говорат дека од стечајната маса на Еуростандард банка се обештетени сите правни и физички лица, нејзини клиенти.
За мене и натаму се води истрага од неразбирливи побуди. Замрзнатиот имот не смеам ни да го отуѓам ниту стопанисувам. Јас, човек кој со дела ја покажал љубовта кон својата татковина и своите сограѓани, доживувам невидени напади за моја деградација како човек.
Материјалното богатство што го имам сум го стекнал на чесен начин. Никогаш не сум посегнал да земам нешто што не ми припаѓа.
Цел живот сум дарувал и натаму ќе дарувам со срце и желба. Никогаш не сум дозволил да ме владеат криминалот и корупцијата.
Почитувани читатели, ова за мене е војна! Војна со нашиот македонски правен систем. Кога насилно ќе те обесправат, ќе ти ја земат правдата, што друго ти останува освен потребата да се бориш против неправдата. Прашањето е како, со корумпирана држава.
Прв пат во историјата слушам како јавно се најавуваат атентати врз одредени личности. Тоа се случува во војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга страна. Господинот Трамп, во неговиот вокабулар не крие дека сака да ги убие сите личности кои во моментов ја водат исламската република Иран.
Почитувани читатели, ако лидерот на најсилната империја во светот денес најавува ликвидација на неговите непријатели, убеден сум дека таков начин на размислување ќе навлезе и во нашето секојдневие. Дали и јас треба да одговорам на неправдата со истата мера на закани Не, почитувани мои читатели, таков начин на војна за мене е неприфатлив.
Ја сакам правдата, сум се борел за правда! Не посегнувам по ништо туѓо. Човечкиот живот е свет.
Ги повикувам водечките личности во нашата држава да ја вратат ,,киднапирана” правда. Тоа е единствениот начин да опстанеме и како народ и држава. Без правда секоја држава е криминална банда






