Трамп ќе го прими бразилскиот претседател Лула на разговори за трговија и безбедност

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе го прими бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва утре на разговори кои ќе ги опфатат економските и безбедносните прашања од заеднички интерес, изјави вчера висок функционер на Белата куќа.
Односите меѓу Трамп и Лула се подобрија неодамна по претходните тензии поврзани со гонењето на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, сојузник на Трамп.
Врховниот суд на Бразил го осуди Болсонаро на повеќе од 27 години затвор поради наводен обид за државен удар по неговиот изборен пораз од Лула. Трамп го критикуваше случајот како политички мотивиран и во тоа време одговори со воведување царини од 50 отсто за низа бразилски стоки.
Кон крајот на ноември, САД ги укинаа царините за неколку бразилски извозни прехранбени производи, вклучувајќи говедско месо, кафе и разни овошја.






