Идентификации

Ако го слушате старо-новиот премиер Заев, а потоа и новата министерка за култура Стефоска, европеизацијата ни е речиси на прагот. Само треба да го пречекориме. Ама некогаш тоа е најтешкиот потфат, најкомплицираниот чин. Пречекорувањето на тој праг кај нас би значело – особено во културата, но и во сите други општествени сегменти – оставање зад себе многу наши митологии и митомани, многу заблуди и лаги за вистинските димензии на македонската стварност/култура, ама и многу персони кои така настојчиво низ годиниве водеа вистински војни во Македонија да остане се’ по старо. Не дека тоа би било нешто лошо за нас, напротив, ама – често потоа се случува разочарувањето да биде поголемо. Сакам да кажам дека доза на воздржаност во изјавите не е на одмет, зашто многу слични имаше и во 2017 година! Денес, ваквите ветувања се безмалу услов без којшто не се може, и тоа спомнатите го знаат, секако. Но, велам, зборовите – обврзуваат!

И повторно: се чини нам ни е најтешко да го направиме првиот чекор. Иако тој реално го имаме и се вика Национална стратегија за развој на културата во периодот 2018-2022 година. Е сега, лакомо (и залудно) „изедовме“ цели две и половина години од тој документ не мрдајќи ни со малиот прст во делот викан реформи. А без нив, нема чекор(и) напред. Притоа, наредниов период мора да искристализира сериозни приоритети. Еден од нив веќе го најави министерката: заштитата на културното наследство! И тоа недвојбено е врвен прироритет, заборавен/запоставен безмалу петнаесеттина години. Ама – и денес, безразложно, нејасно, неуко! Сепак, во случајов не ги имам на ум тие и такви „секторски“ приоритети туку некои поопшти, базични, или темелни, како сакате. Односно, мислам на оние суштински насоки на развојот, оние „невидливи“, интринсични оски по коишто се движи една културна сегашност, оние битни фактори на прогресот на едно општество.

Покрај веќе спомнатата неопходна професионализација – и тука повторно ќе го посочам премиерот и неговата заложба за користење на најстручните луќе во државава во сите сегменти! – на македонската култура во овој миг и’ се неопходни идентификации. Зашто таа лебди во лимбо, ни на небо ни на земја, не е прицврстена, закотвена ни во регионот ниту во Европа туку во некој свој налудничав „свет“, таа плаче по минатото но е неразбирливо рамнодушна кон очебијното негово уништување (Охрид ви е најдобар пример за тоа, но и Скопје, апсолутно!), таа говори за историја но не ја почитува, говори за припадност кон европската култура а фактички од тоа бега ко ѓавол од крст… Македонската културна реалност нема цврсто тло за градење иднина, се’ е релативно и релативизирано, се’ е подложно на манипулација, партизација и продажба. Македонскиот културен бит-пазар работи само со накупци и прекупци, него не го интересира квалитетен, оригинален, автентичен производ. Уште помалку го интересира што и како прави регионот, Европа, светот. Пред само три-четири години, на 250 километри од нас – во Солун – имаше голема, многу значајна изложба на најважниот современ визуелен уметник Аи Веивеи. Меѓу другото, на изложбата беше изложен и еден солзавец-канистер од Македонија, употребен од страна на македонската полиција за справување со налетот на мигрантите на нашата граница. Во македонската јавност немаше ни збор за изложбата! Како што впрочем нема кај нас збор ни за многу други битни за културата нешта, за случувањата во Европа и светот. Ама затоа умееме (на една национална телевизија) да најавиме дека на Охридско лето ќе пее никој друг туку – Ана Липша Тофовиќ! А нашава оперска ѕвезда е почината веќе осум години!!! Умееме да правиме и други глупости, нели, на коишто никој не сака да им застане на пат.

Некој можеби ќе приговори дека македонските медиуми и немаат сериозна причина да ја следат македонската култура. Таа е, велат, главно ориентирана на локалниот културен бит-пазар и на туристичките патувања низ македонските „културни“ центри, особено оној во Њујорк, потоа љубимата Венеција, па ателјето во Париз – не знам како и зошто не отворивме нешто и во Сиднеј, на пример, или Токио? – а според принципот „кај си бил – нигде, што си правел – ништо, кој те видел – никој“! Нашите творечки идентификации започнуваат и завршуваат во нашите правливи културни институции, во нивните депои и магацини, кадешто се’ уште стојат и оние тони „значајни“ томови книги приредувани од македонските „академици“ и нивните пајташи. Оттука, кои би биле медиумските идентификации на македонската култура денес во земјава, а камоли во светот? Едноставно – ги нема. Нашите културни „инциденти“ со светско ехо – оние од типот на „Медена земја“ – се резултат исклучиво на лични/групни напори и одрекувања а не на систематски политики.

Оттука, наша идентификација не може и не смее да биде македонската (не)културна реалност, не може и не смее да биде „Скопје 2014“ и криминалните достигања на злосторничконо здружение. Не може и не смее да биде ниту денешната (не)културна „политика“ којашто создава културни инвалиди и плагијатори. Ние дури остануваме и без публика којашто би ги препознала/идентификувала ретките домашни вредности. Нашата неможност психолошки да се ориентираме кон сопственото и/или кон надворешното не остава емоцинални испразнети, слепи за вредностите, глуви за советите. Нашиот културен континуитет попатно се загуби и беше заменете од дисконтинуитет! И тоа е најстрашното нешто што може да се случи на една нација, на една држава.

Златко Теодосиевски

Извор

Back to top button
Close