Два случаи на инфекција со хантавирусот и на Тајван, Тајпеј нареди масовна акција против глодари

Градоначалникот на Тајпеј, главниот град на Тајван, Чанг Ван-ан, изјави дека градската управа спроведува сеопфатен проект за уништување на глодарите на ниво на целиот град, при што ќе се реализира чистење во сите 12 окрузи најмалку еднаш, по пријавени два случаи на инфекција со хантавирус.

Повикувајќи се на податоците од Министерството за здравство и социјална заштита, Центрите за контрола и превенција на болести и Министерството за животна средина, Чанг истакнал дека бројот на случаи не покажува зголемување и дека е во рамки на претходните години. Тој додал дека граѓаните не треба да бидат загрижени, бидејќи градските служби активно работат на сузбивање на проблемот.

Од почетокот на годината се спроведуваат засилени мерки за контрола на глодарите, при што службите за заштита на животната средина вршат редовни инспекции, дезинфекција и активности за спречување на нивното навлегување во станбени објекти. Целта е да се елиминираат изворите на храна и местата каде што се размножуваат глодарите.

Според здравствените власти, во Тајпеј засега нема нови случаи на инфекција, а во тек се и кампањи за подигнување на свеста кај населението за одржување на чиста животна средина и спречување на наезда на глодари.

Првиот случај на хантавирус во 2026 година во градот бил регистриран во јануари кај маж во седмата деценија од животот, кој починал по развој на тешки компликации, вклучувајќи сепса и откажување на повеќе органи. Вториот случај е потврден во март во Новиот Тајпеј, по што пациентот бил успешно лекуван и отпуштен од болница.

Хантавирусите се група вируси кои најчесто ги инфицираат малите цицачи, но можат да се пренесат и на луѓето, при што во потешки случаи предизвикуваат сериозни оштетувања на белите дробови, срцева слабост и хеморагична треска.

Овој вирус привлече внимание и по претходни случаи на смрт на патници на крузерот „MV Hondius“, кој пловел од Аргентина кон Зелено’ртските Острови.

Извор: skopje1.mk 

Back to top button
Close