Почина Тед Тарнер, основачот на Си-Ен-Ен

Тед Тарнер, медиумскиот визионер и филантроп кој ја основа CNN, првата 24-часовна новинска мрежа која фундаментално ги промени телевизиските вести, почина денеска на 87-годишна возраст, соопшти Turner Enterprises.
Тој изгради медиумска империја која вклучуваше првата кабелска суперстаница, популарни филмски и цртани канали и професионални спортски клубови како Atlanta Braves, пишува CNN. Тарнер беше и филантроп, активист кој се залагаше за глобална елиминација на нуклеарното оружје.
Тед Тарнер одигра клучна улога во враќањето на бизоните на американскиот Запад. Тој, исто така, ја создаде цртаната серија Captain Planet за едукација на децата за животната средина.
Сепак, тој беше најславен поради неговата смела визија за емитување вести од целиот свет во реално време, во кое било време од денот или ноќта, откако идејата конечно се оствари. Во 1991 година, списанието „Тајм“ го прогласи за Личност на годината за „влијание врз динамиката на настаните и претворање на гледачите во 150 земји во директни сведоци на историјата“.
Тарнер на крајот ги продаде своите мрежи на „Тајм Ворнер“ и подоцна се пензионираше, но продолжи да изразува гордост за CNN, нарекувајќи го „најголемото достигнување“ во својот живот.
Нешто повеќе од еден месец пред неговиот 80-ти роденден во 2018 година, откриено беше дека страда од деменција. На почетокот на 2025 година, тој беше хоспитализиран поради блага форма на пневмонија, по што се опорави во центар за рехабилитација. Тарнер зад себе остави пет деца, 14 внуци и двајца правнуци.
Compose






