Директорот на СЗО за хантавирусот: Тројца патници од крузерот се префрлени во Холандија, ризикот за јавното здравје е низок


Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денес изјави дека тројца патници со сомнителна инфекција со хантавирус се евакуирани од крузерот „MV Hondius“ и префрлени во Холандија, и дека во оваа фаза вкупниот ризик за јавното здравје останува низок.

„Три патници со сомнителна инфекција со хантавирус се евакуирани од крузерот и префрлени во Холандија за медицинска нега, во координација со Светската здравствена организација (СЗО), операторот на бродот и надлежните органи на Зелено’ртските Острови, Обединетото Кралство, Шпанија и Холандија“, напиша Тедрос на платформата Икс.

Тој истакна дека СЗО продолжува да соработува со операторот на бродот за внимателно следење на здравствената состојба на патниците и екипажот, како и со државите во обезбедувањето соодветен медицински мониторинг и евакуација во случај на потреба.

„Во соработка со операторот и националните здравствени власти е започнато следење на здравствената состојба на патниците кои сè уште се на бродот, како и на оние кои веќе го напуштиле крузерот“, рече Тедрос.

Според него, СЗО им се заблагодарува на сите вклучени страни за нивната соработка и забележува дека во оваа фаза вкупниот ризик за јавното здравје останува низок.

Според податоците на СЗО, епидемијата на хантавирус на бродот „MV Hondius“ се случила неколку дена по пловењето од пристаништето Ушуаја во Аргентина, а досега се регистрирани седум заразени лица, од кои тројца починале.

Крузерот „MV Hondius“, на кој беше пријавена епидемијата на хантавирус, отплови кон Канарските Острови, но претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, побара итен состанок со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, за ​​да го покани да ја преиспита одлуката за евентуално преместување на крузерот на таа локација.

Клавихо предупреди дека, според него, безбедносните и здравствените услови не се доволно загарантирани за прифаќање на бродот во пристаништата на архипелагот и дека одлуката не се базира на јасни технички критериуми или на доволна количина информации.

Back to top button
Close