Унгарија отвори истрага против медиумски бизнисмен близок до Орбан


Унгарската полиција отвори истрага за злоупотреба на средства и перење пари поврзана со компании на еден од највлијателните медиумски бизнисмени во земјата, кој со години добивал профитабилни договори од владата на Виктор Орбан.

Истрагата е покрената врз основа на информации од даночната служба, а засега се води против непознат сторител. Полицијата соопшти дека се проверуваат финансиски трансакции, како и договори за кои постои сомнеж дека биле преценети.

Во рамки на постапката, замрзнати се банкарски сметки и запленети средства на дел од компаниите.

Станува збор за бизнисменот Ѓула Балаши, сопственик на повеќе медиумски и маркетинг компании, кои повеќе од една деценија работеле на владини кампањи за Орбан. Неговите фирми стоеле зад клучни политички кампањи, меѓу кои и антимигрантските пораки и последната изборна кампања со наратив за „војна или мир“.

Балаши потврди дека понудил да ги предаде своите компании и дел од инвестициите на државата, откако новата влада на Петер Маѓар ја презеде власта. Тој тврди дека нема што да крие и дека не сторил ништо незаконско.

Ѓула Балаши соработува со полицијата и сите надлежни институции и е достапен во секое време“, соопшти неговата компанија.

Новата унгарска влада, предводена од Маѓар, најави остар пресврт и борба против корупцијата, вклучително и враќање на, како што ги нарекува, „украдените државни средства“.

Само во периодот 2019–2021 година, компаниите на Балаши добиле државни договори вредни околу 295 милијарди форинти (приближно 960 милиони долари), најчесто преку Канцеларијата за национални комуникации, која ги водела владините кампањи.

Истрагата доаѓа во чувствителен политички момент, непосредно пред новата влада официјално да стапи на функција, што дополнително го засилува вниманието околу можните злоупотреби во претходниот систем.

Back to top button
Close