Локални избори во Англија и парламентарни избори во Велс и Шкотска – прв голем тест за Стармер

Лабуристичката партија на британскиot премиер Кир Стармер денеска би можела да биде казнета од гласачите на локалните избори, на кои милиони граѓани се очекува да се насочат кон крајнодесничарската партија „Реформирај го Обединетото Кралство“ или кон радикално левата Зелена партија, оценуваат локални медиуми.
Откако се врати на власт во јули 2024 година по 14 години во опозиција, Лабуристичката партија се соочува со тешкотии во исполнувањето на ветувањата за економски раст, додека конфликтот на Блискиот Исток дополнително ја продлабочува кризата со трошоците за живот. Овие избори претставуваат прв голем тест за 63-годишниот Стармер, чија популарност опадна по серијата грешки, промени на ставовите и скандали, што предизвика и внатрепартиски повици за негова смена.
Гласачките места се отворија во 7 часот по локално време, а ќе бидат затворени во 22 часот. Првите резултати се очекуваат во текот на ноќта и во текот на утрешниот ден.
Во Англија се гласа за околу 5.000 места во локалната власт, додека во Велс и Шкотска избирачите гласаат за нови национални парламенти. Анкетите предвидуваат пад на поддршката за лабуристите, кои би можеле да изгубат до 2.000 места во Англија, како и мнозинството во велшкиот парламент, што би се случило за првпат од неговото формирање во 1998 година.
Во Велс, според анкетите, во благо водство е левичарската националистичка партија „Плаид Камри“ (Plaid Cymru), која е речиси изедначена со „Реформирај го Обединетото Кралство“ (Reform UK) на Најџел Фараж. Подемот на антиимигрантската партија ја потврдува тенденцијата на фрагментација на британската политичка сцена, со која долго време доминираа лабуристите и конзервативците.
Конзервативците, предводени од Кеми Бејденок, би можеле да загубат околу 600 места во Англија и да ги отстапат локалните упоришта на „Реформирај го Обединетото Кралство“. Во Англија, особено во Лондон – традиционално силно упориште на лабуристите – Зелените се надеваат на значителен успех предводени од новиот лидер Зак Полански, кој го заостри левичарскиот курс на партијата.
Во Шкотска, Шкотската национална партија (СНП), која е на власт веќе 19 години, се обидува да го задржи мнозинството, додека лабуристите ризикуваат дополнително губење на позициите.
Извор: nezavisen.mk






