Светот во страв од смртоносниот хантавирус: Аргентина испитува глодари во Ушуаја

Аргентинското Министерство за здравство соопшти дека во Ушуаја ќе бидат испратени стручни тимови за спроведување истрага и анализа на глодари поради можно присуство на хантавирус, откако беа регистрирани случаи поврзани со крузерот „МВ Хондиус“.

Тимовите ќе вршат фаќање и испитување глодари во подрачјата низ кои се движеле патниците, со цел да се утврди дали хантавирусот е присутен во природните резервоари, соопшти ресорното министерство, пренесува „Буенос Аирес тајмс“.

Бродот испловил од Ушуаја на 1 април, а подоцна бил закотвен во близина на Зеленортските Острови, откако починале тројца патници за кои постои сомневање дека биле заразени со хантавирус. Истрагата засега не потврдила дека инфекцијата потекнува од Аргентина.

Според здравствените податоци, хантавирусот најчесто се пренесува преку контакт со заразени глодари, односно преку нивната урина, измет или плунка. Пренос од човек на човек е редок, но е можен кај одредени соеви на вирусот.

Аргентинското Министерство за здравство наведува дека во покраината Огнена Земја, каде што се наоѓа Ушуаја, нема пријавено случаи уште од 1996 година. Стручњаците посочуваат дека во Аргентина секоја година се бележат поединечни случаи, но не и епидемии.

Според официјалните податоци, годинава се регистрирани 42 случаи, додека во последните 12 месеци биле евидентирани 101 случај, што е речиси двојно повеќе во споредба со истиот период минатата година. Експертите нагласуваат дека зголемувањето на бројот на случаи не укажува на епидемија, туку на поединечни инфекции што редовно се појавуваат во земјата.

Во меѓувреме, здравствените власти во Барилоче потврдија нов случај на болеста кај 45-годишен пациент, кој е хоспитализиран и префрлен на интензивна нега, додека членовите на неговото семејство се ставени во превентивна изолација.

Истрагата за потеклото на инфекцијата е во тек, бидејќи пациентот неодамна престојувал во повеќе покраини во северниот дел на Аргентина.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close