ВЛЕН се обидува да ги прикрие скандалите на нивниот директор во МЕПСО, велат од ДУИ

Откако од ВЛЕН одговорија дека обвинувањата за партиско фаворизирање при јавен оглас во државната компанија МЕПСО се нови манипулации на ДУИ, од опозициската партија велат дека владејачката коалиција се обидува да го прикрие овој скандал на актуелниот директор на компанијата Бурим Љатифи.

Седиштето на ДУИ во Мала Речица / Фото: „360 степени“

Опозициската ДУИ изминатиот период излезе со серија обвинувања за сомнителни договори во МЕПСО, посочувајќи притоа на генералниот директор на државната компанија, кој е кадар на ВЛЕН. Оттаму денеска обвинија за, како што велат, нов случај на корупција, каде сомнителен тендер ѝ бил доделен на компанијата „Green Maintenance“, за која тврдат дека е поврзана со активисти на коалицијата ВЛЕН.

Од ДУИ попладнево ја повикаа ВЛЕН јавно да каже каде е седиштето на оваа фирма која била избрана на тендер на МЕПСО, бидејќи, како што велат интегративците никој не може да ја пронајде.

„Нека кажат јавно: каде се наоѓа седиштето на компанијата во Глумово, бидејќи никој не може да го пронајде? Кога е основана? Дали е вистина дека е формирана само неколку месеци пред да го добие тендерот од МЕПСО? И како е потпишан договорот спротивно на член 110 од Законот за јавни набавки? Дали прекршувањата се направени само за тендерот да го добие активистот на Изет Меџити? Дали вака се злоупотребува трудот и потта на граѓаните и се кршат законите само за нивниот клан да се збогати?“,се наведува во соопштението од Демократската унија за интеграција.

 

Претходно денеска од опозициската партија наведоа дека компанијата „Green Maintenance“, формирана само неколку недели пред распишувањето на тендерот за чистење на коридорите под далноводите, успеала да добие договор вреден 236 000 евра, иако нема никаков работен историјат.

Според интегративците, случајот е уште поскандалозен бидејќи, како што наведуваат, еден од сопствениците на фирмата, Шабан Шефким, јавно се појавува како активист и поддржувач на ВЛЕН и на еден од неговите лидери и актуелен градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити.

Договорот за ангажирање на фирмата, велат од ДУИ, го потпишал директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи – прв братучед на Меџити.

Од опозициската партија ги повикаа надлежните институции – Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Државниот завод за ревизија (ДЗР) да отворат постапка и да истражат дали зад тендерот стои организирана шема за извлекување јавни пари.

Владејачката коалиција ВЛЕН ги отфрли наводите на нивниот политички ривал, оценувајќи ги како уште обид за манипулирање и лажење на јавноста. Од коалицијата тврдат дека на тендерот е избрана најевтината понуда, која била драстично пониска од конкуренцијата, и појаснуваат дека ДУИ намерно ја меша рамковната вредност на јавната набавка со понудената цена.

„Ова е рамковен договор, а не автоматска исплата. Максималната вредност не значи дека ќе се искористи целата сума, ниту дека парите однапред се исплатени. Нарачките се реализираат по потреба, поединечно и според реално извршени работи. Но овој пат по многу пониски цени, за разлика од времето во кое тие управуваа“,
велат од ВЛЕН.

Оттаму обвинија дека вистинската причина за нападите од ДУИ е прекинувањето на старите бизнис-врски во МЕПСО.

Инаку, од опозициската ДУИ и денеска потсетија дека ова не е прв скандал поврзан со раководството на МЕПСО. Тие повторно го споменаа раскинувањето на договорот со сараевската фирма „Енергоинвест“ за далноводот со Албанија и негова замена со компанија од Бања Лука, која според нивните тврдења е блиска до Милорад Додик.

Поради раскинувањето на договорот, државата сега треба да ѝ исплати милионски суми отштета на „Енергоинвест“, велат од ДУИ.

Оттаму во понеделникот излегоа со тврдења дека наводната коруптивна поврзаност меѓу државното претпријатие МЕПСО и компанијата „Елнос БЛ“ од Република Српска е значително поширока и посложена од она што досега е презентирано во јавноста.

Back to top button
Close