Бидејќи возачите знаат кај се камерите на „Сејф сити“, МВР најде нов начин за ловење и казнување, потврди и Тошковски

Покрај камерите на „Сејф сити“ на патиштата, сообраќајните прекршоци во иднина ќе се откриваат и со помош на мобилна опрема поставена во полициските возила. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека голем дел од возниот парк на МВР, вклучително и цивилните полициски автомобили, ќе биде опремен со уреди за автоматско евидентирање прекршоци, меѓу кои и непочитување на ограничувањето на брзината.

Со новиот начин на контрола треба да се спречи возачите да го приспособуваат возењето само на местата каде што се поставени камери, а да ги прекршуваат правилата на останатите делници.

Тошковски посочи дека досегашната практика покажала оти дел од возачите ја намалуваат брзината кога се приближуваат до камерите, но продолжуваат да возат спротивно на правилата таму каде што нема надзор.

„Во иднина голем број од полициските возила, вклучително и цивилните, ќе бидат опремени со уреди со кои ќе може да се констатираат неколку прекршоци“, изјави министерот.

Прекршоците утврдени со помош на овие уреди ќе се евидентираат директно во дигиталниот систем. Тоа значи дека возачите нема да можат однапред да предвидат каде ќе наидат на полициско возило опремено со мобилна камера.

Засега не се соопштени бројот на возила што ќе ја добијат новата опрема и датумот од кој таа ќе почне да се применува. Од МВР очекуваат мобилниот надзор да придонесе за почитување на сообраќајните правила и зголемување на безбедноста на патиштата во Македонија.

Back to top button
Close