И ОВА ЌЕ ПОМИНЕ


м-р. Глигор Стоименов

Почитувани, точно на половина од мандатот на оваа влада имам некое чувство дека ова е најслабата политичка влада до сега во независна Македонија!
Но исто така имам и чувство дека сето ова брзо ќе помине!!

Секоја опозиција за владата која ќе ја наследи вели дека е тоа најслабата или најнеспособната влада!! Сето тоа било во рамките на онаа вообичаена политичка дебата и политички надмудрувања. Но овој пат мислам дека постојат мерливи аргументи и факти кои покажуваат дека оваа влада е навистина “најслаба“ или “најнеспособна“ до сега. Во теоријата и во праксата, за да се уверите во веродостојноста на овие аргументации постои еден едноставен “експеримент“! За момент замислете дека оваа влада ја нема веќе, односно не е повеќе на власт!!! По што ќе ја паметите оваа политика за овие две години?? По ништо!! На ништо не може да се сетите што направиле во овој половина мандат. Секој од нас веднаш ќе се сети на многу работи од претходните влади, позитивни или негативни! Веднаш ќе се сетиме на многу работи уште од времето на експертската влада на Кљусев во самиот почеток од независноста на Македонија, па првата политичка влада на Бранко, па владата на Љубчо, на Бучко, на Груевски, на Заев, за сите овие влади можеме веднаш да наброиме многу работи што се случиле, позитивни реформи, големи одлуки, погрешни одлуки, но ајде кажете ми што прво ќе Ви падне на памет за оваа влада, абе ништо!! Токму затоа мислам дека ова е мерливо!! Во кој сегмент ги подобривме параметрите?? Која голема одлука или реформа ја започнаа или донесоа? Во економија и во животен стандард ништо, повторно последни во регионот? За кадровската политика, “куку леле“ ич да не праиме муабет, послаби кадри на оглас да ги барале немало да ги најдат!! Во поглед на евроинтеграциите и иднината на нашата земја и нашите деца ништо, огромно ништо? Дали граѓаните живеат подобро сега од како ВЛЕН се на власт а ДУИ во опозиција? Секако дека не живеат подобро, така покажуваат економските параметри а така вели и народот! Добро овие не играат фудбал во кабинетите затоа што владејачката партија има 58 пратеника, да имаше 46 ќе им се распаднеше владата за два месеци а овие од ВЛЕН не фудбал туку светско првенство ќе организираа, само во тоа е разликата, во бројот на пратеници, во ништо друго!! Добро ајде да бидеме објективни до крај, не е баш ништо, ни рекоа дека ќе ни го бранат идентитетот уште со децении ако треба, ќе одиме на шопинг во Врање, на одмор само тука во нашата убава Македонија, нема потреба да чекаме по границите, што бараме таму во Грција?? Ете тоа е понудата почитувани, ваква понуда сме немале до сега!! Токму затоа имам чувство дека ова е најслабата влада до сега, која игра со емоциите на луѓето и има најлоша понуда до сега!!
Но како и да е и ова ќе помине!! Во наредните две до три години автократите низ Европа и светот ќе паѓаат еден по еден под налетот на слободата и поривот за демократија, за вредностите кои се незаменливи!! На светот му е доста од “лудаци“ во политиката!! Видовте што донесе тоа, војни, страдање, инфлации, уништени животи и што све не!!

Почитувани, за жал Македонската нација како се уште да не разбира дека не постои во историјата ваков сличен пример како нашиот? На меѓународно-призната држава, членка на ООН, членка на НАТО, со своја територија и население, со суверена власт, со признаен јазик, па замислете некој и брани идентитет!! Тоа не е познато во поновата историја!! Но имам чувство дека и премиерот не може или не сака да разбере дека “Преговарачката рамка“, (Францускиот предлог) се направи токму поради тоа, доколку едната страна (Бугарија) “ако негира идентитет“, другата страна (Македонија) да може да ги продолжи преговорите со ЕУ. Токму затоа се направи Преговарачката рамка, односно “Францускиот предлог“. Жално е кога ќе видите дека највисоките функционери во државата кои треба да носат одлуки всушност не разбираат или не сакаат да разберат! Една новинарка од некој медиум пред некој ден го прашува лидерот на опозицијата зошто тој не признавал дека Бугарија го негира нашиот идентитет?? Па не е прашање дали некој го негира нашиот идентитет? Кој сака може да го негира! Прашањето е дали може некој да ни го загрози или “украде“ идентитетот, како што впрочем вели официјалната пропаганда тука кај нас!! Дали може да ни ја загрози иднината?? Секако дека не може, тоа никогаш не може да биде!! Кажете како Бугарија ќе ни го загрози идентитетот, ајде вреснете, ајде кажете, нема такво нешто. Инаку Бугарија може уште 100 години да ги истакнува своите аргументи и да го негира јазикот и идентитетот но тоа нас нема да не засега, токму затоа се направи Преговарачката рамка. Граѓаните треба да разберат дека негирањето од страна на Бугарија за нас нема никакво влијание околу преговорите, ние преговараме со ЕУ, затоа е впрочем и Преговарачката рамка. Преговорите по кластери и поглавја ќе си течат, Историската комисија е одделена од овие процеси на тематски преговори, едноставно Европската комисија не може да дозволи во текот на преговорите затворањето на поглавја да биде условено или обременето од историски теми кои не се предмет на преговори туку се дел од добрососедските односи и Копенхашките критериуми. Патем, согласно новата методологија на преговори по кластери, забелешките на земјите членки по одредени тематски прашања се одобруваат или не од страна на Европската комисија, се верификуваат од Европскиот совет со квалификувано мнозинство и се затвораат поглавјата со консензус, такви се правилата, нема простор многу некој за историски прашања нас да не блокира, како што впрочем не мафтаат овие талентиве од власта. Па зар ќе се затвориме и ќе живееме од претпоставки????

Токму тоа е она што не го разбираат нашите сојузници и пријатели од ЕУ, постојано не прашуваат и не им е јасно што всушност ние сакаме?? Гаранции?? Какви гаранции, кој дава гаранции, каде да тропнеме за гаранции и предвидливост. Не можам да разберам како може да бараме нешто што не постои, како може нашиот народ да верува во ова?? За ниту една земја членка до сега во историјата на ЕУ не постоеле гаранции!! Па токму затоа ме прашува еден висок дипломат зошто нашата стручна јавност не им објаснува на граѓаните, за ова?? Абе каква стручна јавност, си велам во себе!!

Па кога сме веќе кај стручната јавност ги следев дебатите пред некој ден околу историски теми, за Гоце, за Тито, за што све не! Жално е тоа на кое ниво се нашиве историчари. Кој сака нека се налути ама македонските историчари, секако чест на исклучоци, треба да се срамат пред македонската нација. Јас мислам дека и тие имаат огромна вина за се она што и се случува на нашата нација и сите оние оспорување и безпредметни дебати кои ги водиме со источниот сосед. Имено, кога ќе седнете со нив на кафе ќе Ви раскажат се. Ќе Ви раскажат како истражувале во архивите, па што виделе и што прочитале, абе се знаат, знаат за револуционерите и војводите до седмо колено кои биле и што биле!! Кога ќе излезат на јавен настап не можете да ги препознаете, абе ни да гукнат тоа што го зборуваат приватно? Од што се плашат или срамат нашите историчари, мора ова прашање да им го поставиме? Треба да им порачаме да ја кажуваат вистината на луѓето и да не се прават недоветни!! Јас ги разбирам оние историчари кои пред 70 години морале да пишуваат така кога се градела нацијата, како што вели поранешниот претседател на Историската комисија дека историјата се пишувала во функција на државноста!! Но не можам да разберам денес во време кога е достапно се, пристапот до архивите и документите, кога постојат мноштво достапни и пишани документи, едноставно да не мафтаат и да се плашат да го кажат она што го знаат!!

П.С. Многу ми беше интересно пред десетина дена, оние настани околу интервјуто на известувачот од Европскиот парламент, Томас Вајц. Во почетокот на март во своето интервју дал оценка дека не ја бива работата овде кај нас, дека владата ништо не работи околу реформската агенда?? Но интервјуто го објавиле после месец и половина па кога рипнаа овие од власта со секојдневни изјави да не “бомбардираат“ ден и ноќ, како интервјуто било старо, демек тие во март не работеле на европската агенда ама веќе во април се стегнале и парче прават, сите реформи ги направија, абе смешки живи, да се чуди човек кај живееме. Кутриот Вајц, според некои информации толку му било непријатно како известувач па мораше да балансира нешто во стилот, “да, старо е интервјуто, дечките до март не работеа, ама сега во април се стегнаа!!!

Но и ова ќе го издржиме и ова ќе помине!!

Back to top button
Close