СЗО смирува за хантавирусот: Ова не е почеток на епидемија


Досега од опасниот вирус починаа три лица – холандска брачна двојка и еден германски државјанин, додека бројот на заразени и лица под надзор расте во повеќе држави низ светот.

Првите претпоставки се дека инфекцијата започнала уште во Аргентина, од каде што бродот исплови на 1 април.Истражувачите веруваат дека станува збор за реткиот „андески сој“ на хантавирус, кој, за разлика од обичните видови што се пренесуваат исклучиво преку глодари, има способност да се пренесува и од човек на човек при близок контакт.

И покрај драматичните сцени и високата стапка на смртност (која според СЗО може да достигне до 40 отсто кај овој сој), експертите категорично предупредуваат дека ситуацијата не смее да се споредува со пандемијата на коронавирусот.

„Ова не е почеток на епидемија. Ова не е почеток на пандемија, но е совршена можност да се потсетиме дека инвестирањето во истражувања за патогени како овој е клучно, бидејќи терапиите, тестовите и вакцините спасуваат животи“, изјави Марија Ван Керхове, раководител на Одделот за превенција и подготвеност за епидемии при СЗО во Женева. Сличен став дели и д-р Лусил Блумберг од Јужна Африка, која децидно порача: „Ова навистина не е Ковид“.

Надеж влеваат вестите од Универзитетот во Бат во Англија, каде тим предводен од професорката Асел Сарбаева веќе работи на развој на вакцина против хантавирусот. Првичните тестирања врз животни покажале силен имунолошки одговор, а следниот чекор се клинички испитувања врз луѓе.

Во меѓувреме, шпанските власти на Тенерифе се подготвуваат за пристигнувањето на крузерот под строги безбедносни протоколи. Бродот нема директно да влезе во пристаништето, туку патниците ќе бидат префрлени во изолирана зона пред да бидат транспортирани до аеродромот.

Back to top button
Close