Летово нема возење со жичница на Водно – постои ризик да се откачи гондола
Жичницата на Водно нема да биде пуштена во сообраќај во текот на летото, бидејќи проверките покажале сериозни оштетувања и ризик од откачување на гондола, изјави за СДК градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според него, иако жичницата е во употреба 15 години, досега не бил направен сервис од производителот „Допелмаер“. По увидот на тим од австриската компанија, градските власти одлучиле таа да остане затворена.
Жичницата беше затворена на 25 април, а од ЈСП „Скопје“, кое стопанисува со неа, првично беше најавено дека нема да работи два дена. Сепак, по извршените проверки, одлучено е да не се пушта повторно во сообраќај.
„Побарав да дојдат претставници на ‘Допелмаер’, по што беше утврдено дека не бил направен сервис. Биле барани понуди од фирмата, но за џабе. Ниту еднаш не бил склучен договор за целосно сервисирање. Увидот покажа дека гумичките биле изедени и поради тоа доаѓало до триење на гондолите. Исто така не работеле и неколку сензори. Поради овие причини можело да се случи да се откачи гондола“, вели Ѓорѓиевски.
ЈСП „Скопје“ во моментов чека понуда од австриската фирма за тоа колку би чинело сервисирањето.
„Колку точно ќе трае сервисирање не можеме да кажеме, чекаме да ја добиеме понудата од ‘Допелмаер’, но сигурно е дека летово нема да работи“, додава Ѓорѓиевски






