Муцунски за „Еуроњуз“: Благодарение на Трамп и Рубио НАТО е посилен како никогаш до сега
На прашањето дали одложувањето на членството во ЕУ може да ја оттурне Северна Македонија кон земји како Русија или Кина, министерот Муцунски одговори дека „хибридните закани напредуваат таму каде што расте фрустрацијата и каде што се губи довербата“

Северна Македонија останува цврсто посветена на европскиот пат и покрај предизвиците и застојот во процесот на европска интеграција, вели шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во интервју за „Еуроњуз“, нагласувајќи во тој контекст дека државата не ја гради својата проевропска ориентација само преку политичка реторика, туку преку конкретни политики и вредности што се спроведуваат во општеството.
Момент од интервјуто на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски за „12 минути со“ (12 Minutes With) на „Еуроњуз“ / Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
„Ние сме држава што се гордее со својата проевропска ориентација, не само во реториката, туку и во вредностите што ги спроведуваме во нашето општество“вели Муцунски.
Говорејќи за актуелните геополитички и безбедносни предизвици, министерот за надворешни работи и надворешна трговија вели дека регионот се соочува со сериозни хибридни и малигни влијанија, притоа нагласувајќи дека ваквите закани се засилуваат таму каде што расте фрустрацијата и се намалува довербата.
„Иако заканата постои, покажавме не се само дека велиме оти сме отпорни, туку и дека навистина сме отпорни во пракса“,рече Муцунски, се наведува во соопштението од ресорното Министерство.
Реафирмирајќи ја стратешката определба на државата за членство во Европската Унија (ЕУ), шефот на дипломатијата потенцира дека европската интеграција останува клучен надворешнополитички приоритет и најдобар механизам за долгорочна стабилност, безбедност и развој на регионот.
На прашањето дали одложувањето на членството во ЕУ може да ја оттурне Северна Македонија кон земји како Русија или Кина, министерот Муцунски одговори дека „хибридните закани напредуваат таму каде што расте фрустрацијата и каде што се губи довербата“.
Во интервјуто за „12 минути со“ (12 Minutes With) на „Еуроњуз“, шефот на македонската дипломатија говори и за актуелните безбедносни предизвици, улогата на НАТО и значењето на евроатлантската координација.
Во овој контекст, тој ги спомена американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар на САД, Марко Рубио, наведувајќи дека благодарение на нив НАТО-алијансата е посилна од кога било досега.
„Мојот став е дека, благодарение на претседателот Трамп, државниот секретар Рубио и целокупниот надворешнополитички апарат на Соединетите Американски Држави, НАТО е посилен од кога било досега“изјави Муцунски.
Тој додаде оти тоа било неспорно по минатогодишниот Самит на НАТО во Хаг, каде што членките се обврзаа да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП до 2035 година.
„Ова е многу амбициозна агенда, но и многу неопходна, имајќи ги предвид не само заканите од руската агресија врз Украина, која сè уште трае, туку и заканите во Индо-Пацификот и на Блискиот Исток“рече Муцунски, додавајќи дека претседателот Трамп му дал на НАТО „повик за будење“.






