Мицкоски: Во Брисел ќе признаат квалитет,ќе ни симнат капа

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на Самитот „Македонија 2025“ порача дека Владата избира потежок пат кон Европската Унија, кој ќе се темели на квалитет и реални резултати, наместо на прифаќање понижувачки услови. Според него, стратешката цел останува иста, но пристапот на оваа Влада е различен од претходната.

Мицкоски потенцираше дека пократките патишта често со себе носат предизвици кои го загрозуваат достоинството на државата и граѓаните.

„Владата што јас ја предводам има различен пристап споредено со претходната влада. Ние цениме дека пократок пат нема. Односно, има, но тој пократок пат има свои предизвици. Најчесто тие предизвици се понижувачки. И затоа велиме: ако треба да одиме по потешкиот пат, ќе одиме по потешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака, а не со тоа што ќе потпишуваме бели листови хартија“, истакна премиерот.

Тој додаде дека фрустрацијата кај граѓаните од долгиот процес е присутна, но дека поддршката за ЕУ мора да остане константна. Мицкоски порача дека е подготвен да ги издржи критиките во име на идните генерации.

„Достоинството нема цена. И затоа велам нема пократок пат. Ќе трпите и навреди, и критики, и често пати невистини. Најчесто и измислици, но тоа е цената што морате да ја платите и да ја издржите. Бидејќи треба да верувате во тоа што го правите“, рече Мицкоски.

Премиерот се осврна и на Реформската агенда, каде Македонија е лидер во регионот со 16 успешно завршени индикатори од вкупно 21. Тој најави и интензивна комуникација со Брисел за понатамошен напредок, потенцирајќи дека само со докажан квалитет „најголемите ќе признаат и ќе симнат капа“.

Back to top button
Close