Алки место затвор да станат правило, а не исклучок – ќе има и електронски регистар

На денешната јавна расправа за Предлог-законот за пробација, министерот за правда Игор Филков истакна дека новото законско решение претставува значаен чекор кон воспоставување современ, поефикасен и поправеден систем за извршување на санкциите и примена на пробациските мерки.

Со законот се зајакнува улогата на пробациската служба и се унапредува организациската поставеност на системот за извршување на санкции.

„Со ова законско решение воспоставуваме јасен и модерен пробациски систем кој носи три клучни резултати: поефикасно извршување на мерките во заедницата, посилна ресоцијализација на лицата опфатени со санкции и повисоко ниво на заштита на жртвите“, рече министерот Филков на јавната расправа по Предлог-законот за пробација каде учествуваа и директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов и претседателот на Здружението за кривично право и криминологија Александра Груевска Дракулевски.

Управата за извршување на санкциите добива проширена координациска и надзорна улога, додека Секторот за пробација се позиционира како централен носител на стручните процеси. Воедно, се воспоставува единствен електронски регистар за лицата опфатени со пробациски мерки, што ќе овозможи континуирано следење и подобра институционална координација.

Законот воведува проценка на ризик во текот на кривичната постапка, по барање на суд или јавен обвинител, со што се зајакнува стручната основа за носење одлуки и се унапредува примената на алтернативни мерки.

„Во новата правна рамка се вградуваат високи стандарди за човекови права, преку заштита од тортура и нечовечко постапување, недискриминација, заштита на личните податоци и доследна примена на презумпцијата на невиност“, нагласи министерот.

Во рамки на законот се воведува и родово сензитивна терминологија, како и проширени основи за еднаков третман, со што дополнително се зајакнуваат принципите на еднаквост и правичност.

Посебен акцент е ставен на индивидуалната програма за третман, која ќе претставува основа за персонализиран пристап кон секое лице опфатено со пробациски мерки, со јасно дефинирани цели, активности и времетраење на надзорот.

Новите законски решенија предвидуваат и унапредување на работата на пробациските службеници преку подобри алатки за теренска работа и електронско следење, како и засилена координација со Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции.

Back to top button
Close