Судовите го вратија на работа докторот „тик-токер“ кој снимаше пациентки на тетовска гинекологија
Докторот анестезиолог Ваљтон Дервиши кој незаконски снимаше и емитуваше пациенти и колеги во живо на „Тик Ток“, со нова судска пресуда и со пет пати помала казна, се враќа на работа во Клиничката тетовска болница, пренесе ИРЛ.

Лекарската комора сега нема основ да му ја одземе лиценцата на 7 години како што одлучи претходно. ИРЛ открива како преку серија процесни механизми, повторени постапки, преквалификации на делата и формални правни празнини, од пример за институционална одговорност, случајот премина во пример за институционално повлекување.
Известуваат: Маја Јовановска, Александра Денковска Гоцевска
Пред три години анестезиологот Ваљтон Дервиши од тетовската болница беше уапсен со лисици, осуден од јавноста и претставен како редок пример дека институциите конечно реагираат кога лекар ќе ја злоупотреби довербата на пациентите.
Докторот не само што незаконски снимал пациентки и колешки на гинекологија, туку дел од снимките ги емитувал во живо на својот профил на „Тик-Tок“. Тогашниот директор на болницата го пријавил случајот во полиција, по што Дервиши веднаш беше приведен и му беше одреден притвор.
Само еден месец подоцна, тој призна вина за кривичните дела „Несовесно работење во службата“ и „Неовластено снимање“. Основниот суд во Тетово му изрече казна затвор од 15 месеци, а Лекарската комора, иако привремено поради тековните судски процеси, му ја одзеде лиценцата на седум години — најстрогата дисциплинска мерка што може да ја добие еден доктор кај нас.
Со помош на повторено судење, нови нотарски изјави на дел од жртвите и серија судски одлуки во Тетово и Гостивар, затворската казна на Дервиши беше намалена на три месеци, а дел од делата беа преквалификувани. Тоа му овозможи да ги избегне законските пречки за повторно вработување и да побара враќање на лиценцата.
„Јас згрешив, признав вина, не сум знаел дека снимам. Немав никаква намера. Седумнаесет години работев таму и никогаш не сум побарал ниту еден денар да ми платат за прекувремена работа. Само за да врви работата“ изјави докторот Ваљтон Дервиши за ИРЛ.
Анализата на ИРЛ на правосилните пресуди на Основниот и Граѓанскиот суд во Тетово и Апелацискиот суд во Гостивар сугерираат дека ни судиите, ниту обвинителите не завршиле темелна и ангажирана работа за да го заштитат јавниот интерес. За докази во повторената постапка се прифаќале нотарски изјави од вработени доктори во тетовската болница кои сведочеле дека тој бил добар колега и дека тоа што го направил не сметале дека е нешто сериозно.
…





