Потрошувачката на бензини пораснала за над 8 проценти, дизелот и натаму најкористено гориво во земјава
Регулаторна комисија за енергетика соопшти дека потрошувачката на бензини во 2025 година е зголемена за 8,34 проценти во споредба со 2024 година, покажуваат податоците од Годишниот извештај за работата на институцијата.

Раст на потрошувачката е регистриран и кај дизелот за 5,17 проценти, екстра лесното масло за 2,23 проценти и течниот нафтен гас – ТНГ за 3,55 проценти.
Од друга страна, пад е забележан кај млазното гориво за 53,29 проценти, мазутот за 1,12 проценти и биодизелот за 2,52 проценти.
Според извештајот, продажбата на нафтени деривати на домашниот пазар за една година е зголемена за 4,88 проценти. Во структурата на потрошувачката најголем удел има дизелот со 74,16 проценти, по што следуваат безоловните бензини со 11,74 проценти, мазутот со 6,61 процент и течниот нафтен гас со 5,22 проценти.
Речиси 87 проценти од нафтените деривати во текот на минатата година биле увезени од Грција, над 9 проценти од Бугарија, 2,07 проценти од Албанија и 1,45 проценти од Србија.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, изјави дека во 2025 година било завршено повторното лиценцирање на големите нафтени компании.
„Во следните 10 години се обезбедени предуслови за непречено снабдување со нафтени деривати“, изјави Ристов.
Во делот на природниот гас, потрошувачката останала стабилна. Најголеми потрошувачи се ТЕТО и трите топлани со удел од 85 проценти, индустриските потрошувачи учествуваат со 13 проценти, а корисниците приклучени на дистрибутивните системи со 2 проценти.
РКЕ наведува дека осум трговци вршеле увоз на природен гас во текот на 2025 година, што, според Комисијата, претставува зголемување на конкурентноста на пазарот.
Воедно, ЕНЕРЏИ ЕКОЛИНК АД Скопје, поранешна „Топлана Скопје Север“, добила лиценци за производство и снабдување со топлинска енергија.






