Владата донесе одлука за отворање Амбасада во Литванија
Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, донела одлука за отворање на Амбасада на Република Северна Македонија во Република Литванија, со седиште во главниот град на земјата, Вилнус, соопштија денеска од ресорното Министерство.

Во образложението на одлуката, оттаму наведуваат дека воспоставувањето постојано резидентно дипломатско присуство во Вилнус ќе придонесе за зајакнување на директниот политички дијалог меѓу двете земји, поефикасно застапување на нашите национални интереси и унапредување на билатералната соработка со оваа, како што велат од Министерството, пријателска земја.
„Амбасадата во Вилнус ќе има и поширока регионална улога, претставувајќи централна точка за покривање на останатите балтички држави во политичката, економската, културната, конзуларната и во другите сфери од заеднички интерес“,се вели во соопштението.
Дополнително, Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија велат дека Литванија е една од најактивните членки на Европската Унија (ЕУ) и на НАТО во доменот на безбедносните и политиката на проширување на Унијата. Оттаму посочуваат дека, исто така, станува збор за држава која континуирано го поддржува процесот на интеграција на С Македонија во Европската Унија.
„Блиските, искрени и партнерски односи меѓу двете земји се потврдуваат и преку одлуката на литванската страна, во ноември 2023 година, да отвори Канцеларија во Скопјe“додаваат од Министерството.
Со ова одлука, како што информираат оттаму, Амбасадата на С Македонија во Варшава повеќе нема да биде надлежно дипломатско-конзуларно преставништво за Литвaнија на нерезидентна основа.






