Афера „шпиуни“ во кабинетот на Сиљановска. ОЈО води предистрага МВР молчи, не одговара

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција велат дека до Секторот за компјутерски криминал на МВР доставиле барање за анализа на екстрахирани податоци од мобилни телефони на лице од Кабинетот на претседателката и од компјутерски систем, но до денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, немаат добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази
Во врска со наводите на ОЈО ГОКК, како и за кривичната пријавата испратена во редакцијата на весникот „Слободен печат“ а која се однесува на случајот, засега нема реакција и одговори ниту од Кабинетот на претседателката на државата, ниту од Министерството за внатрешни работи

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)  на крајот на минатата година отворило предистражна постапка по известување за сомнежи дека од информатичкиот систем во Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, неовластено биле извлекувани содржини, односно податоци.

Зградата во која се наоѓаат просториите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) / Фото: Архива

Во превод, тоа значи дека постојат сомневања за шпионирање во Кабинетот на претседателката, преку неовластено преснимување содржини од компјутерскиот систем, за што Обвионителството веднаш почнало постапка за прибирање информации.

Сепак, како што информираат оттаму, иако станува збор за сензитивен и сериозен случај, и по неколку месеци Обвинителството сè уште не ги добило од Министерството за внатрешни работи (МВР) резултатите од бараните вештачења.

Денеска од ОЈО ГОКК, споделија информации во кои даваат објаснувања за почетокот на постапката. Во нив се наведнеи чекорите преземени во рамките на предистрагата и комуникацијата со институциите од кои биле барани материјали за вештачење.

Дополнително, како што може да се заклучи од информациите на Обвинителството, постојат основи на сомнение за вклученост на едно лице во случајот, кое во оваа фаза од постапката, се води како пријавен.

Имено, како што информираат од ОЈО ГОКК, сè започнало на 18 декември минатата година, кога од Секторот за компјутерски криминал на МВР до нив стигнало известување за настан од 24 ноември истата година, а во врска со индиции за недозволени активности во Кабинетот на претседателката на државата.

Предистражната постапка Обвинителството ја отворило истиот ден и веднаш почнало со преземање на сите неопходни мерки и активности, а согласно своите законски надлежности.

„Во рамки на постапката, до Основниот кривичен суд беше доставено барање за издавање наредба за пребарување на компјутерски систем, со цел утврдување на содржините што евентуално биле неовластено преснимени од информативниот систем во Кабинетот на Претседателката. Истовремено, беа издадени и наредби за екстракција на податоци од персонални и лаптоп компјутери доставени до МВР од Кабинетот на претседателката“,велат од Обвинителството задолжено за борба против организиран криминал и корупција.

На крајот на 2025 година, односно на 30 декември, до Министерството за внатрешни работи, конкретно до Секторот за компјутерски криминал била доставена наредба за анализа на екстрахираниот доказен материјал, а дополнително, до Кабинетот на претседателката на државата било упатено барање за доставување копии од видеозаписите од безбедносните камери поврзани со настанот и периодот во кој тој се случил.

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: Архива

Во врска со последното барање, како што информираат од Обвинителството, на почетокот на оваа година од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, стигнало известување дека тие не располагаат со копии од видеонадзорот, бидејќи опремата била набавена преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР.

Соочен со ваква ситуација јавниот обвинител што ја води предистражаната постапка се обратил до СОЗР и до МВР со барање за итно обезбедување на копиите од видеозаписите.

Одговор добил само од СОЗР, но не и од Министерството за внатрешни работи, од каде ОЈО ГОКК до денес нема добиено повратни информации.

„Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видеозаписи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР.

И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видео надзорот“,велат од ОЈО ГОКК.

Допис, односно известување од МВР, пристигнало на адресата на Обвинителството на 16 март, но се однесувало на дел од преземените активности околу обезбедувањето пристап до криптираните податоци од дотогаш екстрахираната компјутерска опрема. Од Министерството биле доставени и два мобилни телефони, одземени од пријавениот, со барање за екстрација на нивната содржина во Истражниот центар на ОЈО ГОКК. Обвинителството, велат оттаму, веднаш издало наредба за постапување.

Неколку дена подоцна, односно на 25 март, надлежниот јавен обвинител до Секторот за компјутерски криминал на МВР доставил наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците што биле екстрахирани од компјутерската опрема обработена во Истражниот центар на на ОЈО ГОКК.

„Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на Кабинетот на претседателката, со задолжение до обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази“,велат оттаму.

До денес, како што велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, немаат добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази.

Повеќе ТУКА 

Back to top button
Close