Сиљановска-Давкова: Не сакам да ја коментирам квалификацијата шпионска афера, во предистрага малку се зборува, а многу се работи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека не треба да ги коментира информациите за наводната „шпионска афера“ во нејзиниот Кабинет, повикувајќи на доследно почитување на Законот за кривична постапка и презумцијата на невиност.

„Мислам дека треба да се почитуваат одредбите од Законот за кривична постапка и во поглед на презумцијата на невиност, но, како што реков, и во поглед на собирање податоци и евентуално отворање на кривична постапка“,вели претседателката во изјава за МИА.
Претседателката одби да ја коментира квалификацијата „шпионска афера“, потсетувајќи на основните принципи на кривичното право.
Таа истакна дека нема да ги толкува постапките на другите органи, но изрази одредена збунетост од начинот на кој информациите се споделуваат со јавноста.
„Во предистражна постапка малку се зборува, а многу се работи, односно се собираат информации. Почитувам поделба на власта, но малку сум збунета со објавите кои доаѓаат токму од Обвинителството за организиран криминал, во кои се објаснува нивнатакомуникација со МВР“,рече Сиљановска-Давкова.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) вчера потврдија дека кон крајот на минатата година отвориле предистражна постапка по известување за сомнежи дека од информатичкиот систем во Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, неовластено биле извлекувани содржини, односно податоци.
Тоа значи дека постојат сомневања за шпионирање во Кабинетот на претседателката, преку неовластено преснимување содржини од компјутерскиот систем, за што Обвинителството веднаш почнало постапка за прибирање информации.
Сепак, како што информираат од ОЈО ГОКК, иако станува збор за сензитивен и сериозен случај, и по неколку месеци Обвинителството сè уште не ги добило од Министерството за внатрешни работи (МВР) резултатите од бараните вештачења.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека до Секторот за компјутерски криминал од ОЈО ГОКК добиле две наредби во врска со случајот – едната од 12 февруари, а другата од 25 март оваа година, посочувајќи дека станува збор за поголема количина на електронски доказен материјал, за чија анализа е потребен поголем временски период.





