„Катимерини“: Старите поделби повторно создаваат тензии во Северна Македонија

Грчкиот весник „Катимерини“ во анализа предупредува дека старите етнички поделби повторно создаваат тензии во Северна Македонија, речиси 25 години по конфликтот од 2001 година.

Авторот Ставрос Цимас потсетува дека во пролетта 2001 година за првпат се слушнале слогани во поддршка на Ослободителната национална армија (ОНА) во тогашната Поранешна Југословенска Република Македонија.

Според текстот, за време на масовен собир на Албанци во Тетово, организиран како поддршка за функционирањето на тогаш нелегалниот универзитет на албански јазик, демонстрантите побарале рамноправен статус на Албанците во државните институции.

„Додека плоштадот одекнуваше од слогани, од падините на Шар Планина се слушаа истрели“, наведува „Катимерини“.

Весникот пишува дека вооружените групи поврзани со ОНА веќе биле формирани во планинските области над Тетово, по моделот на Косово, со цел преку вооружен отпор да обезбедат поголеми права за Албанците.

Следувале жестоки судири што завршиле со интервенција на меѓународната заедница и потпишување на Охридскиот рамковен договор во септември 2001 година.

Иако тензиите се намалиле, етничката недоверба никогаш целосно не исчезнала, оценува авторот.

„Катимерини“ наведува дека неодамна во центарот на Скопје повторно се слушале слогани за ОНА, отворајќи болни спомени од конфликтот.

Повод биле протестите на Албанци кои барале правосудниот испит за дипломираните правници Албанци да се полага на албански јазик.

Весникот посочува дека посебно внимание привлекло присуството на стотици учесници кои пристигнале со автобуси од Тирана и Косово, давајќи му на протестот поширока паналбанска димензија.

„Настаните предизвикаа внимание и загриженост во балканските престолнини, Брисел и кај регионалните аналитичари“, пишува авторот.

Во анализата се цитира и македонскиот новинар и аналитичар Александар Србиновски, кој за „Време“ изјавил дека „ова веќе не е само внатрешно студентско прашање, туку координиран политички притисок што ги надминува границите“.

„Катимерини“ оценува дека историската поделба меѓу Македонците и Албанците со децении претставува фактор на нестабилност во државата.

Според весникот, подемот на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со преиспитувањето на договорите со Бугарија и Грција, како и внатрешните договори со албанската заедница, создава потенцијално нестабилна атмосфера со пошироки регионални последици

Back to top button
Close