Новиот закон за пушење во вторник на владина седница, недоследна примена нема да се толерира

Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи во вторник треба да се разгледа на владина седница, по што се очекува, во најбрз можен рок, да помине и во Собранието. Како што рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на завршниот состанок со претставниците од тутунската индустрија и угостителскиот сектор, законот ќе стапи во сила веднаш, освен одредбата согласно која угостителите треба да ги преадаптираат и пренаменат своите локали. За оваа одредба се предвидени 12 месеци грејс период.

Мицкоски нагласи дека предложениот текст е компромисно решение, изготвено низ инклузивен процес, со консултации на сите засегнати страни – здруженијата, производителите, дистрибутерите, хотелиерите, луѓето кои имаат свои ресторани, ноќни клубови…

И претставниците на бизнис секторот потврдија дека законот се креираше со партнерски пристап. Воедно искажаа благодарност за разбирањето од страна на Владата – да им се овозможи период од една година за соодветно да ги преуредат терасите во објектите.

Законот, како што беше нагласено на состанокот, ја затвора сивата зона за терасите – воведува прецизни и спроведливи критериуми како треба да бидат адаптирани кога станува збор за пушењето. Предвидува и строги, ригорозни контроли за евентуално непочитување на неговото спроведување.

-Од самиот почеток ја искажавме нашата поддршка во носењето на законот за забрана од пушење во неговата крајна цел, а тоа е заштита на јавното здравје. Во оваа прилика сакам да искажам благодарност до премиерот и Владата, како и до министерот за здравство за инклузивниот и партнерски пристап во самото креирање на законот, како и за фазната имплементација, односно за т.н. едногодишен грејс период во кој ние, како угостителски сектор, ќе имаме можност да ги преадаптираме нашите тераси согласно новите законски решенија, со цел нашиот сектор да претрпи колку што е можно помали економски последици, истакна Перица Голомеиќ од Туристичко угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Според Васко Ристовски од Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора, бизнисот го цени тоа што при подготовката на законот се земени предвид дел од доставените забелешки, ставови и укажувања на деловната заедница.

– Цврсто ги поддржуваме заложбите за засилување на заштитата на малолетните лица, вклучително и ограничувањето на пристапот, продажбата и употребата на тутунски и сродни производи од нивна страна – принцип кој и самите секојдневно го применуваме во нашето работење преку конкретни механизми и програми. Истовремено, го поддржуваме носењето на балансирани регулаторни решенија кои овозможуваат одржливост, препознатливост и диференцијација меѓу различните традиционални и нови тутунски производи, преку сите нивни специфики. Регулацијата на новите производи и понатаму треба да остане во фокусот на идната регулатива и нашата понатамошна соработка, каде ја нудиме целосната експертиза како мултинационални компании со светско искуство, рече Ристовски.

Во разговорите со Владата, дополни, било укажано дека прекумерната регулација може да резултира со раст на нелегалната трговија, како и дека во овој контекст треба да се разгледуваат позитивните искуства на дел од земјите членки на ЕУ.

-Стоиме на ставот дека сè уште има многу области каде што може и треба да продолжи конструктивниот дијалог меѓу сите засегнати страни, со цел соодветно регулирање на отворените прашања во регулаторната рамка и изнаоѓање решенија кои ќе обезбедат соодветен баланс помеѓу јавно-здравствените приоритети, економската одржливост и усогласеноста со современите европски практики, истакна претставникот од  Групацијата за производство на цигари.

Премиерот Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа пред еснафот дека очекуваат доследна примена на законот по неговото донесување и апелираа дека нема да има повластени.

-Ако некој мисли дека ќе биде повластен, па бил близок со овој, оној, па нема да го почитува законот, па него немало да го фатат и слично, се лаже. Можете еднаш да поминете неказнети, ако не ве фатиме, па дури и вторпат, но третпат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани, потенцира Мицкоски.

Алиу се осврна на казните, со напомена дека се воспоставува функционален надзор.

-Наместо неколку органи со недоволно јасна поделба на надлежностите, новиот текст предвидува 14 надзорни органи со прецизно разграничени надлежности. Ова е важно зашто законот мора да биде не само добро напишан, туку и спроведлив на терен, подвлече Алиу. 

фото: Министерство за здравство и принт скрин

Back to top button
Close