Ова е ноќна мора, грд сон, но ќе се разбуди Србија, вели Вучиќ во интервју за „Информер


Во првото интервју по изборниот пораз, дадено за „Информер“, доскорашниот српски претседател Александар Вучиќ, сега опозициски лидер, не штедеше зборови против припадниците на Студентската листа кои победија на неделните избори.

Интервјуто доаѓа еден ден откако редакцијата на „Информер“ и сопственикот и главен уредник на медиумот, Драган Вучиќевиќ, беа физички нападнати од толпа што бараше тој да се извини за начинот на кој известувал за време на владеењето на Вучиќ.

„Информер“ се сметаше за едно од главните пропагандни гласила на поранешната српска влада, често обвинувано за лажни информации, клевети, говор на омраза и други прекршувања на медиумските стандарди.

Поради ова, по изборите, Здружението на новинарите на Србија (УНС) и Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС) бараат од српското регулаторно тело за медиуми да ја одземе дозволата за емитување на телевизијата „Информер“, која е дел од оваа медиумска компанија, заедно со истоимениот весник и онлајн портал.

Вучиќ го почна интервјуто со честитки за, како што вели, храброста на редакцијата на „Информер“ по вчерашните настани.

„Денес луѓето во Србија гледаат само една телевизија бидејќи само на неа може да се слушне вистината. А тие се обидуваат да ја забранат. Ние за 14 години не забранивме ниедна, иако многу полоши работи изговарале. Тоа е прашање на демократијата и на пристојноста, на што тие не се навикнати. Веројатно тоа им е единственото решение за да може нивната антисрпска влада да остане во иднина“,рече Вучиќ.

Според него, луѓето од телевизиите Нова и Н1 никогаш не биле новинари, но тој секогаш пристојно им одговарал, на преку 4 000 прашања.

Нова и Н1 беа меѓу ретките критички медиуми во Србија за време на владеењето на неговата Српска напредна партија (СНС) поради што често беа етикетирани како „странски платеници“ од владејачките структури.

„За овие денес не смее да се чуе ништо поинакво. Доаѓаат некои типови со чудни беџови, со 16 обетки на носот, одредуваат што е иднина. Ова е како некоја ноќна мора, грд сон, но ќе се разбуди Србија“,
додаде Вучиќ.

(ВИДЕО) Вучиќ призна пораз на изборите
Тој ги обвини победниците на изборите дека ќе признаат во ОН дека Србите се геноциден народ и ќе го поништат сето тоа што владата на неговата СНС го правела на меѓународно поле.

„Веќе сум известен кој ќе биде министер за надворешни работи, ќе видите, па ќе ви стане јасно каква политика ќе водат“,
Рече Вучиќ.

Како што додаде тој, луѓето за време на изборната кампања биле „водени од омраза“ и не сакале да ги прифатат аргументите. Според него, луѓето тешко ги признаваат своите грешки, и за тоа ќе биде потребно време, околу пет или шест месеци.

„Тие сакаат да го исклучат секој слободен глас, но тоа би бил таков скандал што ние веднаш би донеле одлука дека со нив нема никакви разговори се до новите избори, кога било. Луѓето ќе видат за некој месец дека лажеа за сè“,
додаде тој.

Вели дека самите ќе се организираат да ги заштитат луѓето ако, како што рече, почнат напади и ако полицијата не реагира.

„Во време на чисто лудило, кога на луѓето им упаѓаат на слави, што не се случувало од 1945 година, имате потполно лудило, гледате избезумени луѓе со ококорени очи, како да се пуштени од душевна болница, но воопшто не им се плашам“,
истакна Вучиќ.

Според него, на секои дваесетина години се случувале некакви студентски протести од „нашите деца“, но сега немало никакви деца, туку тоа биле луѓе постари и од него, како Блажо Поповиќ, Динко Грухоњиќ и други.

„Но, таквите флоскули ги носи обоената револуција, кога ќе ги убедат наивните луѓе дека тоа се некакви деца. Кога политиката е катастрофална, тие можат само да прогонуваат луѓе. Замислете колку болни луѓе има таму. Тие можат и сами да излезат на претседателските избори, во услови на револуционерен терор. Луѓето не смеат различно да размислуваат во период на револуционерен терор. Доаѓа време кога тињата испливува на површина“,
рече тој.

Вучиќ спомена дека по изборите разговарал со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони и со поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан. Се надева дека наскоро ќе се сретне со Орбан во Белград. Со Кошта разговарале за европската интеграција на Србија, разговорите со другите ги нарече „пријателски“ и не откри детали за нив.

За ситуацијата во српскиот парламент, Вучиќ рече дека таа е специфична бидејќи има една голема партија со 104 пратеници, и тоа е нешто што не може да се замолчи или прикрие, а од другата страна нема никаква структура. Според него, кога ќе се формира структура, сè ќе биде поинаку.

Back to top button
Close