Фудбалската репрезентација на Македонија со благодарност до Босна и Херцеговина: Во Сараево се чувствувавме како дома

Фудбалската репрезентација на Македонија преку објава на социјалните мрежи изрази благодарност до домаќините во Сараево за приемот и гостопримството за време на престојот во Босна и Херцеговина.

Од националниот тим посочија дека во текот на двата дена во Сараево се чувствувале како дома и упатија посебна благодарност до претседателот на Фудбалската федерација на Босна и Херцеговина, Вицо Зељковиќ, спортскиот директор Емир Спахиќ и целата федерација.

„Не беше само гостопримство, беше чувство како да сме дома. Голема благодарност до претседателот Вицо Зељковиќ, спортскиот директор Емир Спахиќ и целата Фудбалска федерација на Босна и Херцеговина. Во овие два дена направивте сѐ за да се чувствуваме како свои, а тоа не се заборава“, се наведува во објавата.

Од македонската репрезентација истакнаа дека Сараево е град со посебна енергија и им посакаа многу успех на босанските фудбалери во идните предизвици.

„При првата прилика ќе се потрудиме да ви вратиме во Македонија на ист начин. Дотогаш, ви посакуваме многу среќа и успех на Светското првенство. Ќе навиваме за вас“, порачаа од македонскиот национален тим.

Објавата беше проследена со фотографии од престојот во Сараево и претставува уште една потврда за добрите односи меѓу фудбалските федерации на Македонија и Босна и Херцеговина, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close