Боливиските власти прогласија здравствена вонредна состојба во главниот град Ла Паз поради блокадите

Боливиските власти во главниот град Ла Паз вчера прогласија здравствена и хуманитарна вонредна состојба поради недостиг предизвикан од неколкунеделните блокади на патиштата низ оваа јужноамериканска земја, јавува ДПА.

Целта на мерката е обезбедување на снабдувањето на болниците со медицински кислород, лекови, храна и други основни средства, се наведува во административна одлука цитирана од весникот „Ла Разон“.

Мерката, првично воведена на 90 дена, се оправдува со критичната ситуација во снабдувањето предизвикано од блокадите што траат повеќе од еден месец.

Меѓуамериканската комисија за човекови права (IACHR), автономен орган на Организацијата на американските држави (OAS), исто така предупреди за хуманитарните последици од кризата, потсетува германската агенција.

Ова тело наведува дека има недостиг од гориво, храна, лекови и кислород и ја цитираше Канцеларијата на народниот правобранител дека најмалку седум лица загинале во врска со протестите – четири од нив поради недостаток на навремена медицинска помош.

„Со оглед на сериозните влијанија врз човековите права и значајните хуманитарни последици што произлегуваат од протестите и блокадите на патиштата, Комисијата ги повикува државата и сите вклучени општествени сектори да го дадат приоритет на дијалогот“, соопшти IACHR.

Од почетокот на мај, рударите, земјоделците и поддржувачите на поранешниот претседател Ево Моралес ги блокираа пристапните патишта до Ла Паз и други градови. Блокадите доведоа до недостиг на храна, гориво и секојдневни потреби, потсетува ДПА.

Протестите се насочени против зголемувањето на трошоците за живот и економските политики на претседателот Родриго Паз. Некои демонстранти бараат негова оставка.

Победата на Паз на изборите кон крајот на 2025 година стави крај на речиси дведецениската ера на левичарски влади во Боливија, која долго време беше обликувана од борбата за власт меѓу Моралес и неговиот левичарски наследник Луис Арсе.

Јужноамериканската земја со години е во длабока економска криза, што предизвикува чести протести, потсетува ДПА.

Back to top button
Close