Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ одобрија почеток на преговорите за укинување на роамингот со државите од Западен Балкан
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ го одобрија почетокот на преговорите за укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан.

Одлуката се однесува на отворање преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија за роаминг во јавните мобилни комуникациски мрежи.
Според најавите, Советот на ЕУ формално ќе ја усвои одлуката на 4 јуни, по што преговорите можат да започнат со секоја земја од регионот поединечно.
„Проширувањето на зоната без роаминг е јасен знак за нашата посветеност кон регионот. Со нетрпение го очекуваме формалното усвојување на одлуката со која се одобрува отворање на преговори за договори“, изјави портпаролот на кипарското претседателство.
Во февруари, Европската комисија предложи укинување на роамингот за Западен Балкан.
Европските претставници очекуваат преговорите да завршат до крајот на оваа година.






