Обвинителството се надева дека ќе биде прифатен предлогот за притвор за случајот Царина


Основното јавно обвинителство отвори истрага против четири лица осомничени за злоупотреба на постапки за јавни набавки и коруптивни дејствија поврзани со Царинската управа. Меѓу осомничените, покрај службени лица, се наоѓаат и две лица од приватна фирма.

Предлог-мерката за ефективен притвор веќе е доставена до судија на претходна постапка во Кривичниот суд. Надлежната обвинителка Искра Хаџивасилева, во изјава во живо пред судот, истакна дека иако станува збор за најстрога мерка, таа е целосно оправдана со оглед на околностите.

„Се наоѓаме во рана фаза од истрагата во која допрва ќе се обезбедуваат дополнителни докази. Меѓутоа, досегашните сомневања, квалитетот на доказите и вкупните околности налагаат да одиме со предлог за притвор. Оваа мерка се чини оправдана и пропорционална според оцената на обвинителството“, изјави Хаџивасилева.

Наспроти барањето на Обвинителството за ефективен притвор поради ризиците кои ги носи овој вид на финансиски криминалитет, адвокатите на осомничените веднаш реагираа со проактивен однос. Одбраната пред судот веќе размислува и подготвува понуда за имотни гаранции.

Обвинителката вели дека за нив е значаен ваквиот чекор на одбраната токму поради природата на делото.

„За обвинителството е значајно ваквото размислување на одбраната. Со оглед на тоа што се работи за финансиски криминалитет, тоа дава основа за размислување во правец на гаранции. Одлуката ја чекаме од судот, а роковите се кратки“, додава обвинителката.

Истрагата за финансиските малверзации продолжува, а обвинителството не ја исклучува можноста, како што ќе се прибираат нови докази, постапката да биде проширена и за други инволвирани лица.

Back to top button
Close