Стефан Богоев понудил и гаранција од пари и имот за да остане на слобода и да се брани, но не била прифатена

Одбраната на поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, ја оцени како неочекувана одлуката на судот да му определи притвор во рамки на истрагата за сомнежи за злоупотреби во постапки за јавни набавки и коруптивни дејствија.

Неговата адвокатка по рочиштето изјави дека станува збор за предмет од финансиска природа и оти одбраната смета дека присуството на осомничените можело да се обезбеди со поблаги мерки.

„Неочекувано, искрено, таква одлука. Особено што станува збор за предмет којшто е од финансиска природа, не е насилен криминал. Како што сте запознаени, не само ние што понудивме гаранција, туку и другите бранители за другите осомничени имаат понудено гаранција, со која мислам дека во комбинација со другите мерки на претпазливост можеше да се обезбеди присуството на осомничените“, изјави адвокатката.

Таа најави дека одбраната ќе ја искористи законската можност за жалба на решението.

„Имаме рок за жалба, мислам 24 часа. До утре ќе биде поднесена жалба“, рече таа.

Според адвокатката, на вчерашното рочиште одбраната не добила увид во доказите на кои се повикува Обвинителството.

„На одбраната, на вчерашното рочиште не ѝ беа презентирани никакви докази во насока на постоење основ на сомневање. Само ни беше соопштено дека докази, според обвинителството, постојат“, изјави бранителката на Богоев.

Претходно, обвинителката Искра Хаџи Василева соопшти дека Обвинителството побарало притвор поради опасност од бегство и можност за влијание врз истрагата, која се наоѓа во рана фаза. Судот го прифати предлогот и му определи притвор на Богоев, додека одбраната најавува дека одлуката ќе ја оспори пред повисок суд. објави Скопје1.мк

Back to top button
Close