Костадиновски: „Нема да коментирам политички ставови, на македонската политичка сцена сè уште опстојува примитивен политички менталитет“
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, реагираше по медиумските прашања поврзани со соопштението на политичката партија „Левица“, истакнувајќи дека останува доследен на принципот да не коментира политички ставови изнесени во јавноста.

Сепак, како што наведува тој, овојпат се чувствува повикан да реагира поради, како што вели, лични дисквалификации и навреди кои се појавуваат во јавниот дискурс.
„За жал, на македонската политичка сцена сè уште опстојува примитивен политички менталитет“, наведува Костадиновски во својата реакција.
Тој изрази и жалење што неговиот професионален и личен живот, како и идните кариерни одлуки, се ставаат во политички контекст. Како што посочува, прашањето за неговата професионална иднина по завршување на мандатот е лично право и избор.
„Прашањето каде ќе ја продолжам кариерата, вклучително и можноста за враќање во академската заедница, е мој личен избор, како и право на секој граѓанин кој ги исполнува законските услови“, стои во изјавата.
Костадиновски додава дека релевантни критериуми за таквите одлуки се научното творештво, професионалното искуство и потребите на академската заедница, при што нагласува дека тие не зависат од политички влијанија или преференци.
Од Левица велат дека иако премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања на 26 април, одговарајќи на прашање на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, рекол оти „не стои“ зад идното вработување на претседателот на Уставниот суд, според опозициската партија, фактите за брзо време го демантирале.
„Според потврдени информации со кои располага Левица, после неуспешниот обид за вдомување на актуелниот уставен судија Дарко Костадиновски на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, сега тој е цврсто решен – со владини притисоци и министерска вмровска логистика – да се вдоми како универзитетски професор на Правниот факултет при Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип. Ова се прави во брзање, со цел да се искористи стариот Закон за високо образование, кој нуди полабави услови за стекнување на насловни звања“,велат од Левица.

Како аргумент тие посочуваат дека Универзитетскиот сенат на УГД, на својата 258. седница, одржана на 27 мај 2026, донел контроверзна одлука за изменување и дополнување на Правилникот за посебните услови и постапката за избор во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања (кој првично датира од 2018 год.), а со која наменски и тенденциозно се менува членот 19, став 2 од Правилникот.
„Па така, наместо како досега, Одлуката за покренување постапка за избор во звање да ја носи Наставно-научниот совет, врз основа на претходно утврдена реална потреба и поднесено барање од раководителот на соодветната катедра, сега вакво барање ќе може да поднесе деканот на факултетот, односно самиот ректор на Универзитетот!? Ова персонално ‘штимање’ се прави со проѕирна и перфидна цел, да се заобиколи досегашното оправдано противење на Катедрата за меѓународно право да распише наместен конкурс (кој му е ветен на Костадиновски од одредени структури на власта) – затоа што таа веќе располага со доволен број професори и асистенти и нема апсолутно никаква потреба од нов кадар на катедрата!“,велат од Левица.
Нарекувајќи го омилен вмровски судија, од опозициската партија тврдат дека Костадиновски не ги исполнува условите за да биде вработен на УГД бидејќи, како што наведуваат, нема обезбедно соодветен број наставни часови, а дополнително и неговиот докторат од УКИМ бил од сферата на меѓународното право и меѓународните односи, додека тој наводно сакал да предава уставно право на штипскиот универзитет.
Инаку, деветгодишниот мандат на Костадиновски како судија во Уставниот суд му завршува во јануари 2027 година.






