Анализа: Македонија e една од базите за производство на дезинформации, расте опасност од манипулација совештачка интелигенција и „deepfake“
12.06.2026 11:12
714 1 минута читање
Северна Македонија станува една од базите за производство на дезинформативни содржини и постои растечка опасност од манипулација со содржини со употреба на вештачка интелигенција и „deepfake“ технологии.

Тоа се нагласува во анализата „Медиумско известување за справување со минатото“. Авторите предупредуваат дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со политички притисок врз медиумите, дезинформации и историски ревизионизам, а новинарите кои известуваат за воени злосторства, жртви и помирување често се изложени на заплашување, кампањи за дискредитација и политички притисок, додека социјалните мрежи и дигиталните платформи дополнително шират дезинформации и националистички наративи.
Медиумите во Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија работат во услови на политичка поларизација, економски притисоци и слаби институционални гаранции за независно новинарство, според резултатите од анализата поддржана од германската организација Pro Peace и подготвена од регионални медиумски експерти. За Северна Македонија се додава дека проблемот е пред сè институционалната и општествената рамнодушност кон справувањето со минатото. Медиумското известување за конфликтот од 2001 година е претежно ограничено на годишнини и политички конфликти, додека доминираат етнички поделените наративи и сензационализмот.
Србија е издвоена како „можеби највкоренетиот пример за системски отпор“ кон известувањето за воените злосторства и транзициската правда, според анализата За Србија, се наведува дека доминантните медиумски наративи, особено во провладините и државните медиуми, ги величат осудените воени злосторници, ги релативизираат пресудите на меѓународните судови и промовираат ревизионистички толкувања на војните од 1990-тите.
Документот оценува дека новинарите што се занимаваат со воени злосторства, исчезнати лица и регионално помирување во Србија честопати стануваат мета на кампањи за клевета, судски притисок и јавни напади, додека независните медиуми имаат ограничен пристап до поширока публика и институционална поддршка. Авторите наведуваат дека студентските и граѓанските протести во Србија, кои траат од ноември 2024 година, сепак доведоа до „скромни знаци на општествен напредок“ во однос на справувањето со минатото и јавната дебата за одговорноста за војните од 1990-тите. Медиумската сцена во Босна и Херцеговина е длабоко поделена, при што секој дел од земјата промовира свое толкување на војните од 1990-тите.
Во Република Српска, како што е наведено, воените злосторства често се негираат или оправдуваат, додека новиот закон за „странски агенти“ во тој ентитет дополнително ја комплицира работата на независните медиуми и организациите на граѓанското општество. Кога станува збор за Косово, авторите наведуваат дека албанските и српските медиуми функционираат речиси паралелно, со сосема различни наративи за војната и меѓуетничките односи. Поточно, постои предупредување за влијанието на медиумите блиски до властите во Белград и кампањите за дезинформации кои дополнително ги продлабочуваат поделбите. Меѓу препораките на документот се долгорочна поддршка за независните медиуми, воведување новинарство чувствително на конфликти во образовните програми, воспоставување регионална мрежа на новинари за известување за справувањето со минатото и развој на регионални платформи за проверка на факти и борба против дезинформации. Документот е создаден врз основа на повеќе од 25 интервјуа со новинари, уредници, истражувачи и претставници на граѓанското општество од регионот.






