Трамп: Без САД немаше да постои Израел

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека нема да дозволи Иран да дојде до нуклеарно оружје и предупреди дека Техеран ќе се соочи со „незамисливи последици“ доколку се обиде да го развие или набави.

Говорејќи на самитот на Групата Г7, каде што се сретна со катарскиот емир шеик Тамим бин Хамад ал Тани, Трамп изјави дека најважната точка во договорот со Иран е јасната забрана земјата да поседува нуклеарно оружје.

„Единственото нешто што навистина ми е важно е Иран никогаш да нема нуклеарно оружје. Тоа многу јасно е наведено во договорот. Нема да го развиваат, нема да го купуваат и нема да имаат никаква врска со него. Ако го направат тоа, ќе се соочат со незамисливи последици“, рече Трамп.

Тој додаде дека врз Иран „ќе се урне пекол“ доколку некогаш дојде во посед на такво оружје, посочувајќи дека токму тоа била причината поради која се вклучил во преговорите.

Американскиот претседател ги отфрли обвинувањата дека се залагал за промена на режимот во Иран, иако оцени дека смртта на повеќе ирански функционери во пракса довела до таков исход.

„Не верувам во промена на режими. Со години ги следам тие процеси и тие никогаш не успеваат“, изјави Трамп.

Осврнувајќи се на иранските резерви на високо збогатен ураниум, тој најави дека Соединетите Американски Држави ќе преземат активности за нивно отстранување.

„Ние ќе го преземеме. Велат дека само Кина и ние ја имаме опремата со која тоа може да се извлече. Имаме камери што го надгледуваат тоа место“, рече Трамп, додавајќи дека контролата врз материјалот има и психолошко значење.

Трамп повторно го критикуваше нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, постигнат за време на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, оценувајќи дека тој му овозможувал на Техеран пат до нуклеарно оружје.

„Да не го поништивме нуклеарниот договор на Обама, Иран одамна ќе имаше нуклеарно оружје. Тоа беше најглупавиот договор што сум го видел, освен НАФТА“, изјави Трамп.

Тој се осврна и на односите со Израел и ситуацијата во Либан, оценувајќи дека Израел предолго се бори против Хезболах и дека премногу луѓе ги губат животите.

„Не мора да урнете цела станбена зграда секојпат кога барате некого. Во тие згради живеат многу луѓе и не се сите припадници на Хезболах“, истакна американскиот претседател.

Трамп рече дека не е незадоволен од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и покрај информациите за тензии меѓу двајцата лидери, но додаде дека израелскиот премиер мора да покаже поголема одговорност кога станува збор за Либан.

„Секогаш сум имал одличен однос со Биби, но сега Биби мора да покаже поголема одговорност кога е во прашање Либан“, порача Трамп.

Back to top button
Close