Милошоски: Го поздравуваме планот на ЕК за пренасочување средства кон предводниците во реформите на Западен Балкан

Пратеникот и член на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денеска на прес-конференција во партиското седиште изјави дека го поздравуваат планот на Европската комисија (ЕК) за пренасочување на средствата наменети за реформи во Западен Балкан кон земјите што важат за предводнички во тој процес, како Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.
Од денешната прес-конференција на пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски / Фото: ВМРО-ДПМНЕ
Милошоски, повикувајќи се на, како што наведе, последните анализи на Европската комисија, рече дека уште еднаш се потврдува дека Македонија заедно со Албанија и Црна Гора е признаена како фронтранер, односно предводник во постигнатите реформи во рамките на Реформската агенда од Планот за раст на Европската Унија.
„Според правилата на планот за раст на Европската комисија, финансиската поддршка којашто се насочува кон земјите кандидати е условена од степенот на постигнати реформи и тука Албанија, Македонија и Црна Гора се оценети со највисока оценка за разлика од други земји кандидати во регионот“,
рече пратеникот и функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, оваа потврда на извршното тело на Европската Унија дека Македонија ги спроведува обврските од Реформската агенда, истовремено е и мотивација за Владата и за парламентарното мнозинство да продолжи со ова темпо.
„Како држава ја поздравуваме оценката на Европската комисија, како и нивниот план за релокација на средства од Планот за раст, при што од оние земји коишто постигнале послаби реформи би се одзеле одреден дел на средства и истите би се алоцирале кон Албанија, Македонија и Црна Гора како земји коишто предничат во спроведувањето на реформите согласно Реформската агенда“,
изјави Милошоски.
Во, условно кажано, вториот дел од прес-конференцијата, тој го критикуваше опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и неговиот лидер, Венко Филипче, велејќи дека со овие процени на ЕК се растура нивната манипулација дека Македонија заостанува во реформите.
Проценката на Европската комисија, рече Милошоски, ѝ дава за право на владејачката партија да упати апел до претседателот на СДСМ, Венко Филипче, да не ги попречува законите кои се дел од обврските од Реформската агенда, меѓу кои и Изборниот законик, и да покаже прагматичност во интерес на државата.
„Доколку Европската комисија ги препознава реформите коишто Македонија ги има постигнато, тогаш барем тој како претседател на оваа опозициска партија да не ги попречува законите коишто се дел од обврските во Реформската агенда, исто како и Изборниот законик и да биде прагматичен во интерес на државата, да дозволи и овој закон да биде изгласан и со тоа Македонија да си го зацврсти и својот углед во Брисел пред Европската комисија и да си овозможи добивање на поголем дел на средства од Планот за раст“,
рече Милошоски.
Опозициските СДСМ и Левица најавија блокада на измените на Изборниот законик, а главна тема за која не се согласуваат со владејачката ВМРО-ДПМНЕ е нејзиното инсистирање за воведување електронско гласање на дијаспората, почнувајќи од претседателските избори, кои треба да одржат во 2029 година, па понатаму.
Што се однесува до планот на Европската Унија за пренасочување на дел од средствата за Западен Балкан, од земјите кои не ги исполнуваат задачите кон оние кои што бележат напредок во остварувањето на реформите, за него вчера објави „Еуроњуз“, повикувајќи се на извори од Европската комисија.
Според информациите, средствата што не ги користат Босна и Херцеговина, Србија и Косово, затоа што не ги исполнуваат обврските од т.н. Реформска агенда, се очекува да бидат пренасочени кон земјите со најголем напредок во реформите. „Тоа се Црна Гора и Албанија, т.н. предводници (’фронтранери’), како и Северна Македонија, која исто така има добри резултати во спроведувањето реформи“, пишува „Еуроњуз“.
Планот за реформи и раст за Западен Балкан е воспоставен во 2024 година со цел да им обезбеди финансиска поддршка на земјите кандидатки од регионот, но под строги услови, главно поврзани со спроведување на реформите неопходни за членство во Европската Унија.
Овој механизам го опфаќа периодот 2024–2027 година, со амбиција во следната деценија да се удвои економијата на земјите од Западен Балкан.
Според податоците на Европската комисија, досега се исплатени околу 673 милиони евра од вкупно достапните шест милијарди евра. Речиси целиот износ е распределен на само три од шесте земји кандидатки во регионот, како Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.
Според „Еуроњуз“, овие три држави се оценети како најнапредни во процесот, што се темели на нивните домашни Реформски агенди. За разлика од нив, Босна и Херцеговина, Косово и Србија генерално се сметаат за земји што заостануваат.






