Богоев за мерките за напаѓачите од Ченто кои седум пати избодеа дете: „Од осмиот убод се брои изгледа“


Поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, ја коментираше одлуката на Основниот кривичен суд со која на тројцата осомничени за нападот врз 14-годишно момче во скопската населба Ченто им беа определени мерки на претпазливост, наместо притвор.

„Јас пак си викам притвор ќе им дадат, ама ништо. Од осмиот убод се брои изгледа…“, напиша Богоев на социјалните мрежи.

Неговата реакција доаѓа откако Судот го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и на осомничените им изрече мерки на претпазливост. Тие не смеат да го напуштаат местото на живеење, имаат обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган, привремено им се одземени патните исправи, не смеат да го посетуваат местото каде што се случил нападот, ниту да воспоставуваат каков било контакт со оштетеното момче и неговите родители.

Од Обвинителството информираа дека истрагата продолжува. Во тек е прибирање на целокупната медицинска документација, се очекува медицинско вештачење, а паралелно се преземаат и други истражни дејствија за целосно расчистување на случајот.

Нападот врз 14-годишното момче се случи на 22 јуни во населбата Ченто, а Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава 11 дена подоцна.

Богоев неодамна и самиот беше предмет на судска постапка. Во истрага што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, првично му беше определен 30-дневен притвор, но по поднесена жалба Кривичниот совет ја прифати гаранцијата од 55.000 евра, го укина притворот и му определи мерки на претпазливост.

Back to top button
Close