(Видео) Европски пари за пречистителни станици: многу инвестиции, малку напредок

Македонија добила речиси 400 милиони евра европски средства за пречистителни станици, но дел од проектите се заглавени во административни пречки и застарена инфраструктура. Во меѓувреме, 26 проценти од населението по течението на Вардар и неговите притоки нема ни канализациски систем, па користи септички јами, пренесува  nota.mk

Прашавме во различни европски банки и во Делегацијата на ЕУ колкави средства се дадени за подобрување на недостатокот на пречистителни станици во Македонија. Европската инвестициска банка одобрила зами во висина од 168.000.000 € за обнова и изградба на канализациски системи и пречистителни станици. ЕУ ѝ има дадено на Македонија 164.900.000 € за изградба на пречистителни станици во Прилеп, Струмица, Радовиш, Кичево, Битола, Тетово, Штип, Виница, Велес, Преспа и Скопје. И Европската банка за обнова и развој има дадено заем од 60.000.000 € за изградба на пречистителната станица во Скопје. Се обративме и во германската банка КфВ, од каде нѐ информираа дека дале средства за пречистителни станици, без да се наведе сумата, но дека тие во меѓувреме се застарени.

градилиште за пречистителната станица во Скопје
Градилиште на пречистителната станица во Скопје; © Александар Методијев

„Во однос на Македонија, пред повеќе од 20 години имаме финансирано компоненти за отпадни води на Охридското и Преспанското Езеро. Самите постројки по 20 години го имаат завршено својот животен циклус“, ни одговори Карстен Зандхоп, директор на КфВ-канцеларијата во Белград.

Во текстовите под наслов (Видео) Со македонското темпо, сите пречистителни станици ќе бидат готови дури во 2041 година“ и „Скопската пречистителна станица била во фокус на странски истражители“ пренесовме детали за бавниот процес на отпочнување на градбата на пречистителните станици во Тетово, Битола и Скопје. Дел наодите во однос на скопската пречистителна станица дополнително ни ги потврдија и во Европската инвестициска банка.

„Проектот за пречистителната станица во Скопје се соочи со доцнења поради недоволно екипирана единица за имплементација на проектот, продолжени постапки за јавни набавки, растечки трошоци за градба предизвикани од променливи пазарни услови и административни предизвици. Главниот фактор што го одложи пуштањето на првата транша беше недостигот од достапна парцела за изградба на пречистителната станица“, ни рекоа во Европската инвестициска банка.

И управувањето со отпадната тиња е проблем во Македонија

На постројката, што се гради во Скопје, се гледа како пример за земјите во регионот. Во неа од отпадната вода ќе се отстрануваат цврсти материи, како хартија, пластика или текстил, а талогот ќе се суши без надворешно снабдување со енергија и на крајот ќе се согорува.

Пластични шишиња во Вардар
Пластични шишиња во Вардар; © Александар Методијев

„Централен елемент на проектот е интегрираниот третман на тињата од отпадните води со последователно согорување. Во пречистителната станица загадувачите содржани во отпадната вода ќе се концентрираат во тињата, додека прочистената вода ќе се испушта во приемникот. Тињата потоа ќе се одводнува, суши и термички се обработува. Овој процес ќе се одвива без надворешно снабдување со енергија и ќе обезбедува безбедно и одржливо отстранување“, ни објасни Маријане Јакл, портпаролка на групацијата СТРАБАГ, во чие сопствеништво од март годинава е германската компанија ВТЕ Васертехник ГмбХ, која во конзорциум со македонската фирма Жикол ја гради станицата во Скопје.

„Технички, постројката е дизајнирана сигурно да ги отстранува и цврстите материи како хартија, пластика или текстил од отпадната вода. Затоа, веднаш по пуштањето во работа може да се очекуваат брзи и непосредни подобрувања на квалитетот на водата. Проектот во Скопје, во поглед на техничката опрема и инженерингот, според нашето мислење претставува значаен пилот‑проект за регионот. Станува збор за модерен и кон иднината насочен проект, кој уште сега ги исполнува барањата за енергетска ефикасност што на ниво на ЕУ се предвидени дури за наредните децении, особено по 2040 година. Со тоа постројката има јасен демонстративен карактер и може да служи како референтен пример за слични идни проекти во регионот“, нагласува портпаролката на групацијата СТРАБАГ.

Тиња од пречистена отпадна вода во Врање
Тиња од пречистена отпадна вода во Врање; © Александар Методијев

Ланскиот извештај за напредокот на Македонија, изготвен од Европската комисија, нагласува дека управувањето со отпадната тиња е проблем во Македонија.

„Недостатокот на означување чувствителни подрачја и недостатокот на стратегија за управување со тињата го попречуваат пречистувањето на отпадните води во согласност со релевантното законодавство на ЕУ“, стои во извештајот на ЕУ.

Тињата од отпадните води може да се користи како ѓубриво, а исушена и како гориво во печките во цементарите. Во српскиот град Лесковац најдовме пример дека тињата била одложувана на градската депонија, заземајќи место за другиот отпад и на тој начин скратувајќи го животниот век на депонијата.

Синтетичките влажни марамчиња ја попречуваат работата

Во кочанско Мојанци, каде од јули 2019 година во употреба е пречистителната станица изградена од германската компанија ВТЕ, од тињата се произведува органско ѓубриво, а од процесот на пречистување на отпадните води и биогас. Бевме информирани дека предизвик е нејзиното одржување, „поради комплексноста на процесите што се одвиваат во неа“. Пречки во работењето создавале крпниот отпад и синтетичките марамчиња.

Илустрација со вештачка интелигенција Копајлот на синтетички влажни марамчиња во отпадна вода
Илустрација со вештачка интелигенција Копајлот на синтетички влажни марамчиња во отпадна вода

„Крупниот цврст отпад и синтетичките влажни марамчиња создаваат сериозни пречки, особено на влезната  шахта. Сепак, најголеми оштетувања предизвикуваат песокот и ситниот асфалт, кои директно влијаат врз абењето и дефектите на пумпите на влезот, како и нарушување на целокупните процеси во станицата. Дополнителен предизвик претставува фактот што станицата не прима само комунална отпадна вода од домаќинствата, туку и индустриска отпадна вода, а при врнежи се зголемува дотокот и со атмосферска вода, што дополнително го оптоварува системот. Сумирано, станицата е функционална, но нејзиното ефикасно работење во голема мера зависи од правилното користење на канализацискиот систем и намалување на несоодветниот отпад“, нагласува Радостина Атанасова, одговорен инженер во лабораторијата на пречистителната станица во Мојанци.

Кон станицата биле приклучени градот Кочани, со висок степен на приклученост на домаќинствата, како и неколку околни населени места. Поголем дел од индустријата бил исто така приклучен кон станицата. Сепак, нејзиниот капацитет од 65.000 жители е половично искористен.

„Тековното оптоварување на станицата изнесува околу 33.000 еквивалент жители, што значи дека постои значителен неискористен капацитет. Ова укажува дека станицата има можност да прифати дополнителни корисници. Во иднина се планира приклучување на уште две до три населени места, а постои и техничка можност за поврзување на општина Виница со пречистителната станица. Со тоа би се овозможило поефикасно искористување на постојниот капацитет и подобрување на управувањето со отпадните води во регионот“, објаснува Атанасова.

Пречистителна станица во Кочани
Пречистителна станица во Кочани; © ЈКП „Водовод“ Кочани

И пречистителната станица во Кичево е изградена од германската компанија ВТЕ и пуштена во употреба во истата 2019 година. Нејзиниот капацитет не е оптоварен, бидејќи бројноста на населението се намалила.

„Капацитетот на пречистителната станица во Кичево е за 48 000 екувалентни жители, што занчи дека тој капацитет е доволен, имајќи предвид дека бројот на резидентното население, според последниот попоис, е намален“, нагласува Сабедин Емини, раководител на сектор за комунални дејности во Општина Кичево.

Додека во едни градови веќе има постројки, во други процесите за нивна изградба се одвиваат бавно. Тие на речниот тек и притоките Вардар се посебно значајни, бидејќи таа површина опфаќа речиси 80% од сите водни тела во Македонија.

Население што придонесува кон испуштање на комунална отпадна вода Времен извештај за река Вардар
Население што придонесува кон испуштање на комунална отпадна вода; © Министерство за животна средина и просторно планирање

Времениот извештај за значајни прашања поврзани со управувањето со водите во сливот на река Вардар, изработен од Министерството за животна средина и просторно планирање, покажува дека Полошкиот и Скопскиот Регион се најзасегнати од нетретираните отпадни води, бидејќи имаат најголем број население што придонесува кон испуштање на непрочистена комунална отпадна вода.

„Загадувањето од комуналните отпадни води претставува еден од најкритичните предизвици поврзани со управувањето со водите во Северна Македонија и влијае и врз урбаните и врз руралните подрачја“, стои во извештајот во кој се нагалсува дека „иако повеќето урбани подрачја имаат канализациони мрежи, многу од овие системи се застарени, лошо одржувани или незавршени. Бројот на функционални пречистителни станици за отпадни води (ПСОВ) е ограничен и повеќето од нив се застарени и често работат со намалена ефикасност“.

Население што користи септички системи по потслив (во апсолутни бројки и како удел во вкупното население) Времен извештај за река Вардар
Население што користи септички системи по потслив (во апсолутни бројки и како удел во вкупното население); © Министерство за животна средина и просторно планирање

Таму кадешто нема канализациски ситеми, населението е принудено да користи септички јами. Извештајот забележува дека „најголемата зависност од септички системи е забележана во потсливовите на Треска, Горен Вардар и Пчиња“.

„Се проценува дека околу 26 % од населението во подрачјето на сливот на реката Вардар користи септички системи. (…) Во многу рурални и периурбани подрачја сè уште не постои никаков третман, а постојните постројки честопати работат под проектираниот капацитет или без соодветен мониторинг“, се заклучува во времениот извештај за реката Вардар.

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработник: Сања Петров

Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Матни води“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.

journalismfund

Back to top button
Close